ПОВЕЌЕ

    ПРОСЕЧНАТА ПЕНЗИЈА СТИГНА ДО 28.120 ДЕНАРИ: Стандардот се зголеми, буџетот се испразни

    Време зa читање: 5 минути

    Со последното линеарно зголемување на пензиите, мартовската просечна пензија изнесува 28.120 денари, објави Фондот за ПИОМ. Во споредба со февруари, таа е зголемена за 1.019 денари (февруарскиот просек беше 27.101 денар). Во август 2024 година, пак, пред првото септемвриско линеарно зголемување од 2.500 денари, прoсечната пензија изнесуваше 21.217 денари. Тогаш, најниските пензии беа 13.192 денари, а сега се 20.228 денари.

    Со цел да се подобри стандардот на најзагрозените пензионери од септември 2024 година до март 2026 година имаше четири линеарни зголемувања, во вкупен износ од 7.000 денари.

    – Оваа Влада, имајќи го предвид подобрувањето на стандардот на пензионерите, направи нешто што досега не се случило во самостојна и независна Македонија, кога станува збор за пензионерите. Од септември 2024 до март 2026, Владата ги зголеми пензиите вкупно за 7.000 денари. Ова зголемување значи дека за редовната исплата на пензиите во оваа 2026 година од буџетот се одвојуваат околу 500 милиони евра повеќе отколку во 2024 година – рече директорот на Фондот за ПИОСМ, Никола Мемов, на неодамнешното одбележување на 80 години постоење Сојуз на пензионерите.

    Сепак, експертската јавност алармира дека растот на дотациите од државната каса за да се исплатат пензиите не е многу за фалење. Пензиите треба да растат како резултат на поголемиот број на вработени што ќе уплаќаат пензиски придонес и поголем пензиски придонес, како резултат на повисоките плати.

    ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ СЕ КРПИ СО РЕЧИСИ ЕДНА МИЛИЈАРДА ЕВРА

    Во 2024 година, кога се најавија линеарните зголемувања на пензиите, Фискалниот совет излезе со свое мислење.

    „Наша оценка е дека максималниот износ на дотации од буџетот на долг рок не смее да надминува 33 проценти со благо опаѓачки тренд, за да не дојде до поткопување на развојната компонента на буџетот“, пишува во мислењето на Фискалниот совет.

    Но, вкупната дупка за пензискиот систем што сега треба да се надополни со парите од државната каса е планирана на 40,27 насто.

    „Вкупните приходи на Фондот се планирани во износ од 149.380,05 милиони денари (2,4 милијарди евра, н.з.), во кој износ најголемо учество имаат изворните приходи кои се застапени со 58,23 % и средствата од Буџетот на Републиката со учество од 40,27 %“, пишува во Буџетското барање на Фондот за ПИОМ за 2026 година.

    Во апсолутен износ, ова значи дека од државната каса е планирано префрлање на 978 милиони евра за функционирање на пензискиот систем!

    САМО ЗА ПЕНЗИИ ПОТРЕБНИ СЕ 1,9 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

    За да функционира целиот пензиски систем требаат 2,4 милијарди евра, но само пензиите изнесуваат 1,9 милијарди евра, или точниот износ што за нив е наведен во Буџетот за 2026 година е 116,8 милијарди денари.

    Ако се земе предвид дека од придонесите што сега ги уплаќаат работниците се планирани 1,4 милијарди евра, да замислиме ситуација: земи придонес – дај пензија, дупката би била 500 милиони евра. Ова значи дека пензиите се дополнуваат со 26,5 насто. Но, тоа не е целата пензиска дупка, а математиката не е толку едноставна. Целиот пензиски придонес веќе одамна не оди во државниот пензиски столб, односно за сите членови во двостолбниот систем се префрла една третина од придонесите во задолжителните пензиски фондови. Тие пари сега ги покрива државата под ставка транзициони трошоци, а дополнително има трошоци за здравствено осигурување на пензионерите, како и трошоци за самото функционирање на Фондот за ПИОМ, од плати на вработени до одржување на згради. И така износот стигнува до 2,4 милијарди евра.


    Извор: Фонд на ПИОСМ

     

    ПЕНЗИИТЕ РАСТЕЛЕ ПОБРЗО ОД СОБРАНИТЕ ПРИДОНЕСИ

    Ако се споредат податоците од 2023 година (пред серијата линеарни зголемувања) со сегашните, може да се види дека растот на пензиите е побрз од растот на собраниот пензиски придонес. Податоците од Министерството за финансии покажуваат дека во Буџетот за 2023 година ставката пензиски придонес изнесувала една милијарда евра, а пензиите биле 1,27 милијарди евра, во 2024 година бил испланиран вкупен износ на пензиски придонес од 1,16 милијарди евра и пензии за 1,47 милијарди евра, во 2025 година на приходната страна од Буџетот има пензиски придонес од 1,32 милијарди евра и пензии од 1,73 милијарди евра. Во Буџетот за 2026 година придонесите стигнуваат до 1,41 милијарди евра, но пензиите до 1,9 милијарди евра.

    Податоци од документот Буџет 2026 година

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично