Дали има спас од долгите колони на граничните премини за влез во Европската Унија, кои станаа загрижувачки, посебно на стартот на летната туристичка сезона? Мобилната апликација „Патување во Европа“, развиена од Фронтекс, која почна да се применува во април годинава на некои гранични премини за влез во ЕУ, им овозможува на патниците кои не се од ЕУ да ги регистрираат податоците од своите патни документи и сликата од лицето за Системот за влез/излез (EES) пред да пристигнат на граничен премин.
Апликацијата „Патување во Европа“ е сосема нова дигитална алатка на ЕУ која привлекува големо внимание бидејќи е дел од голема реформа на начинот на кој функционираат границите во Европа. Таа е тесно поврзана со два големи системи: Системот за влез/излез (EES) и претстојното овластување за патување преку ETIAS.
Доброволната претходна регистрација на EES е еден од начините за намалување на времето за обработка на границата, од што имаат корист и националните власти и патниците. Таа не ги заменува процедурите за гранична контрола, туку има за цел да ги направи полесни и побрзи, објаснува Фронтекс.
Travel to Europe апликацијата го олеснува регистрирањето во EES. Патниците кои не се од ЕУ и имаат важечки биометриски пасоши можат да го користат за претходно регистрирање на деталите за нивните патни документи и слика од лицето за EES во рок од 72 часа пред пристигнувањето или напуштањето на ЕУ.
Патниците исто така можат да ја користат апликацијата за однапред да го пополнат таканаречениот прашалник за услови за влез. Земјите-членки се слободни да изберат кои функционалности на апликацијата сакаат да ги користат како дел од нивните активности за гранична контрола.
Користењето на апликацијата го намалува бројот на чекори што патниците треба да ги поминат на границата при влегување или излегување од ЕУ по почетокот на EES. Понатаму, им го олеснува регистрирањето на своите податоци за патување на ранливите групи, како што се постарите лица, лицата со попреченост или децата. Патниците не треба да бидат регистрирани во EES за да ја користат апликацијата.
Еве што можете да прикачите на апликацијата: податоци од пасош, слика од лице (селфи), основни информации за патување / прашалник за влез.
Сето ова може да се направи во рок од 72 часа пред пристигнувањето во Европската Унија.
Сепак, треба да се напомене дека претходната регистрација со апликацијата не дава автоматско право за преминување на надворешната граница на ЕУ. Кога патниците ќе пристигнат на границата, тие сепак ќе поминат низ гранични проверки. Од технички причини, отпечатоците од прсти ќе треба да се скенираат и на границата во присуство на граничен полицаец.
Од април 2026 година, апликацијата првенствено се користи во одредени земји, како што се Португалија и Шведска.
Критиките за оваа новина се однесуваат на тоа што таа се уште не се применува во сите држави-членки на ЕУ. Дури и со апликацијата, граничните проверки за патници кои доаѓаат од надвор од ЕУ нема да исчезнат, сè уште се потребни отпечатоци од прсти, а се напоменува и дека редиците за пасошка контрола нема да исчезнат за време на шпицовите, па сè уште може да се појават доцнења и пропуштања на летови на аеродромите.
Исто така, таа не е за долги престои, односно не може да го користат лица со визи за долги престои или дозволи за престој.
Аналитика








