Ги уверувам граѓаните дека во овој момент состојбата е стабилна и нема причина за страв од немање енергенси и за воведување кризни состојби и во делот на пазарот на електрична енергија и во делот на пазарот на нафта и нафтени деривати, изјави премиерот Христијан Мицкоски и посочи дека Владата ќе интервенира доколку се појави потреба.
„Единствената земја во регионот којашто оваа недела не ги покачи, односно ги намали цените на горивата, е Македонија. Безоловниот 95 и 98 октански е намален за 2,5 денари, а дизелот не се покачи. И тоа е резултат на одлука на Регулаторната комисија“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека цените на горивата во Македонија се најевтини во регионот: „Ако кај нас безоловниот се движи од 1,33 до 1,39 евро центи за литар, а дизелот околу 1,5 – 1,53 евро центи, во соседна Албанија и Грција е над 2 евра, во Србија од 1,81 до над 2 евра, во Косово исто така, а во Германија цените се и до 3 евра по литар“.
За можноста од продолжување на мерката за намалено ДДВ од 18 на 10 проценти за горивата, премиерот рече: „Апсолутно, доколку видиме дека ќе има зголемување на цените на безоловниот бензин и на дизелот, тогаш ќе ја продолжиме таа мерка сѐ додека трае кризната состојба. Ако продолжи и понатаму, ќе ја продолжиме и кризната состојба и мерката“.
Во однос на електричната енергија, премиерот информира дека ЕСМ има на располагање околу 3.200 тони мазут и дека производните капацитети функционираат нормално. „Акумулациите се над 40 проценти, што е двојно повеќе од некои минати времиња. Деновиве ЕСМ дури продава на берзи и заработува 100 до 150 илјади евра на ден. Нема да има поскапување на цената на електричната енергија за граѓаните“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата внимателно ја следи ситуацијата и дека е подготвена да реагира проактивно во интерес на граѓаните, без да се создава паника.
Аналитика








