Просечните каматни стапки на банкарскиот сектор во февруари покажуваат релативна стабилизација, со мали месечни поместувања, но со поизразени годишни трендови кај кредитирањето. Просечната каматна стапка на вкупните кредити остана на нивото од претходниот месец и изнесува 4,73 насто, но на годишна основа е намалена за 0,45 процентни поени. Кај депозитите, пак, каматната стапка бележи минимален месечен пад од 0,01 процентен поен и изнесува 2,19 насто, додека на годишно ниво останува непроменета.
Истовремено, кај новоодобрените кредити има благ раст – за 0,22 п.п. на месечно и 0,06 п.п. на годишно ниво, при што стапката достигна 4,69 насто. Кај новопримените депозити е забележано месечно зголемување од 0,08 п.п., на ниво од 2,41 насто и без годишна промена. Податоците се од последната информација на Народната банка за позначајните февруарски движења кај каматните стапки на банките и штедилниците.

Кај домаќинствата, трендот е во насока на благо олеснување на цената на задолжување. Просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,10 насто и е намалена за 0,01 п.п. на месечно ниво и за 0,43 п.п. на годишно ниво. Кај новоодобрените кредити има месечен раст од 0,09 п.п., со што стапката достигнува 4,76 насто, иако на годишно ниво е пониска за 0,05 п.п.
На страната на штедењето, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата се намали за 0,01 п.п. и изнесува 2,12 насто, без промена на годишно ниво. Кај новодоверените влогови е регистриран извесен месечен раст од 0,01 п.п., на 2,38 насто. Исто така, и тука изостанува каква било годишна промена.
Во корпоративниот сектор, каматните стапки се задржуваат на релативно стабилно ниво, но со различни движења кај новото кредитирање и штедење. Просечната каматна стапка на вкупните кредити остана на 4,35 насто, што е за 0,47 п.п. пониско на годишна основа. Кај новоодобрените кредити е забележан поизразен месечен раст од 0,35 п.п., на 4,62 насто, како резултат на повисоките стапки кај денарските кредити без валутна клаузула и кај кредитите во странска валута, додека на годишно ниво растот изнесува 0,17 п.п.
Во депозитниот сегмент, пак, просечната каматна стапка се зголеми за 0,02 п.п. и достигна 2,73 насто, со минимален годишен раст од 0,02 п.п. Особено изразено е зголемувањето кај новопримените депозити, каде што стапката порасна за 0,45 п.п. на месечно ниво и изнесува 2,49 насто, без промена на годишна основа.
Веќе извесно време е присутен трендот на постепено намалување на каматните стапки. Односно, притисокот полека попушта кај постојните кредити. Сепак, забележливо е и одредено зголемување на цената на новото задолжување.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска:
Аналитика








