ПОВЕЌЕ

    Инвертер клима уред до 28.000 денари без доплата – подигнати 2.084 ваучери

    Време зa читање: 2 минути

    Ваучерите за набавка и вградување на инвертер клима уреди веќе ги подигнале 2.084 граѓани. Тоа е повеќе од половина од вкупно доделените 4.070 ваучери. Оваа бројна состојба е регистрирана во периодот од 18 до 25 март, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и посочуваат дека процесот се одвива непречено и со засилена динамика.

    „Согласно податоците добиени од меѓуопштинските центри за социјална работа, заклучно со 25 март 2026 година до 18:00 часот, вкупно се подигнати 2.084 ваучери, при што дневната динамика покажува континуиран интерес и зголемена активност кај граѓаните во сите општини низ државата.  Овие податоци потврдуваат дека процесот се реализира ефикасно, без застои и во согласност со предвидената динамика“, велат од Министерството.

    Исто така, потсетуваат дека списокот на граѓани со остварено право на оваа поддршка, како и списокот на компании од кои може да се набават уредите, се објавени на официјалната веб-страница на Министерството.

    Граѓаните кои се наоѓаат на списокот можат да ги подигнат ваучерите во меѓуопштинските центри за социјална работа во општината каде што живеат, до 17 април 2026 година, при што на веб-страницата се достапни сите информации за потребната документација и постапката.

    Со ваучерот, граѓаните добиваат можност за набавка и вградување на инвертер клима уред со моќност од 3,5 kW и најмалку енергетска класа А+, во вредност до 28.000 денари, без дополнителна доплата. Ваучерите може да се искористат најдоцна до 15 октомври.

    „Министерството продолжува со интензивна реализација на мерките за поддршка на ранливите категории граѓани, со цел намалување на трошоците за енергија и подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата“, се вели во известувањето.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично