ПОВЕЌЕ

    Наместо за изборни дејства, над 129 милиони денари прелеани кај партиите – Ревизорите за работата на ДИК

    Време зa читање: 3 минути

    Сериозни слабости во финансиското работење на Државната изборна комисија открија државните ревизори. Притоа, утврдиле дека дел од буџетските средства не биле користени согласно намената.

    „Со извршената ревизија за 2024 година изразивме неповолно мислење во однос на
    реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност со
    законската регулатива, упатства и воспоставените политики“. Мислењето произлегло по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ДИК, на сметката на основен буџет за 2024 година.

    Над 129 милиони денари од буџетот наменет за изборни активности биле искористени за политичко рекламирање. Со ова, како што укажуваат ревизорите, се нарушува принципот на наменско трошење на јавните пари.

    „Извршената анализа на податоците покажува дека планирањето и одобрувањето на средствата за спроведување на изборите во 2024 година не е согласно членот 88 од Изборниот законик. Имено, при планирањето наместо 33,33% од средствата на оваа програма да бидат наменети за надомест на трошоците на учесниците во изборната кампања за платено политичко рекламирање, планирани се 50% од средствата, додека за останати изборни дејствија наместо 66,67% планирани се 50% од средствата. Во одобрените буџетски средства за програмата, средствата за платено политичко рекламирање учествуваат со 43%, а средствата за останати изборни дејствија учествуваат со 57%.

    Ваквата состојба има за ефект прелевање на 129.453 илјади денари наменети за останати изборни дејствија, за исплата на трошоци за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи“, нотирано е во извештајот на Државниот завод за ревизија.  произлезен по ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ДИК, на сметката на основен буџет за 2024 година.

    Притоа, ревизорите укажуваат дека треба да се преиспита начинот на распределба на средствата за платено политичко рекламирање на партиите што се дел од изборната кампања. Воедно, и да се усогласат законите што го уредуваат оданочувањето на изборните активности.

    Како што наведуваат ревизорите, клучните утврдени состојби се: пописот на средствата и обврските не е извршен на начин пропишан со законските и подзаконските акти; не е извршена процена на вредноста на дел од недвижностите; планирањето и одобрувањето на средствата за спроведување на изборите во 2024 година не се врши согласно законски утврдениот сооднос. Исто така, забележано е и ненавремено и некомплетно доставување на потребната документација за трошоците за спроведените изборни дејствија на изборните органи; набавени се стоки и услуги за кои не е спроведена јавна набавка и недоследна била примената на одредбите од Законот за јавни набавки во одредени постапки.

    Притоа, како системски слабости се посочуваат – усогласување на законите кои го уредуваат оданочувањето на изборните активности и преиспитување на начинот на распределба на средства за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично