Томас “Том” Прицкер, 75-годишниот милијардер и долгогодишен извршен претседател на Hyatt Hotels Corporation, објави дека ја напушта функцијата извршен претседател на компанијата, и нема да се кандидира за реизбор во мај 2026 година, по повеќе од две децении на чело на хотелскиот гигант. Причината што тој ја наведе е „лоша процена“ поради неговите контакти со дискредитираниот финансиски менаџер и осуден криминалец Џефри Епстин и неговата соработничка Гилејн Мексвел.
Објавата на Прицкер, кој е припадник на едно од најбогатите и највлијателните семејства во САД, е најновата во серијата оставки од високо профилни личности од бизнис светот на Соединетите Американски Држави, бидејќи повеќе детали за зделките на Епстин стануваат јавни. Поранешната директорка на правниот сектор на Голдман Сакс, Кетрин Румлер, и претседателот на Пол Вајс, Бред Карп, беа меѓу последните бизнис лидери кои се повлекоа од своите позиции. И Румлер и Карп изјавија дека жалат за своите врски со Епстин и дека известувањето за нивните врски создавало одвлекување на вниманието за компаниите што ги претставувале.
Во писмо до одборот на директори, Прицкер рече дека неговата обврска како лидер е „да обезбеди одговорно водење“ и дека не се извлекол доволно брзо од контактите со Епстин и Мексвел, што било сериозна грешка. Тој изјави дека не постои оправдување за тоа што не му се дистанцирал порано, и изрази „длабока жал“ за штетата што им била нанесена на жртвите.
Објавените документи што доаѓаат од Министерството за правда на САД открија дека Прицкер бил во редовна комуникација со Епстин години по неговата пресуда во 2008 година за сексуални деликти, вклучувајќи и писма, планови за состаноци и меѓусебни пораки што траеле до околу 2019 година, кога Епстин беше уапсен за обвиненија за трговија со малолетнички и подоцна пронајден мртов во притвор.
Тој беше именуван во исказот поднесен под заклетва од Вирџинија Џуфре во врска со нејзиното сексуално тргување преку мрежата на Епстин. Таа сведочеше во исказот дека еднаш била сексуално злоставувана од Прицкер. Портпарол на Прицкер за Ројтерс изјави дека Прицкер „продолжува жестоко да го негира“ обвинението.
Подоцна, објавените досиеја на Епстинн покажаа чести размени на е-пошта, вклучително и една од 2018 година во која тој ѝ помогнал на партнерката на Епстин, Карина Шулиак, да испланира патување во Југоисточна Азија, со изразена цел да пронајде жени за Епстин.
Прицкер не беше обвинет за криминални дела поврзани со Епстин, но јавната објавеност на овие контакти предизвика силна критика и повлекување од лидерската позиција во Hyatt.
ХАЈАТ ХОТЕЛИ – ОД МАЛ СЕМЕЕН БИЗНИС ДО ГЛОБАЛЕН ЛУКСУЗЕН БРЕНД
Hyatt Hotels Corporation е една од најпознатите мултинационални хотелски компании во светот. Основана е во 1957 година, кога Џеј Прицкер го купи малото „Hyatt House“ мотелче покрај Меѓународниот аеродром во Лос Анџелес. Оваа иницијатива брзо прерасна во голема мрежа на хотели.
Компанијата подоцна се разви во глобален бренд со над 1.300 хотели и одморалишта во повеќе од 80 земји, со различни брендови – од луксузни имоти до деловни и одморачки хотели. Модерното Hyatt портфолио вклучува хотели како Park Hyatt, Grand Hyatt, Hyatt Regency, Andaz, Hyatt Place и други.
Денес, Hyatt е јавно тргувачка компанија на Њујоршката берза (симбол „H“), со голем дел од акциите во сопственост на јавни и институционални инвеститори, но со значително влијание од семејството Прицкер уште од основањето.
Семејството Прицкер е една од најбогатите и најпознатите деловни семејства во САД, со богатство што потекнува од различни инвестиции, особено од хотелската индустрија, останувајќи меѓу првите 10 на листата „Најбогати семејства во Америка“ на списанието Форбс откако списанието започна со вакви листи во 1982 година). Истакнати личности од семејството се:
-
Џеј Прицкер – татко на Томас Прицкер, еден од браќата што го купија и развија Hyatt од мал мотел во светски хотелски бренд.
-
Доналд и Роберт Прицкер – браќа на Џеј, исто така играа улога во растот на семејниот бизнис, вклучувајќи инвестиции надвор од хотели.
Денес, богатството на фамилијата е поделено меѓу различни членови: некои се активни во управување со бизниси, други во политика и филантропија. Од останатите членови на ова богато еврејско семејство, кои имаат јавни улоги се:
-
Џ. Б. Прицкер, кој е гувернер на Илиноис, а исто така бил член на бордови и други деловни активности.
-
Пени Прицкер, која служела како Секретар за трговија на САД во администрацијата на Обама.
Богатството што семејството го акумулирало преку Hyatt и други инвестиции направило семејството Прицкер да се рангираат меѓу најбогатите семејства во Америка, со десетици милијарди долари во вкупно богатство и голем број членови кои имаат значајни улоги во бизнисот и јавниот сектор.
Нејзините големи богатства започнаа во 20 век, особено преку проширувањето на Hyatt Hotels Corporation од Џеј Прицкер.
Членовите на семејството сè уште во голема мера го поседуваат Hyatt и ја поседуваа Marmon Group, конгломерат од производствени и индустриски компании за услуги пред неговата продажба на Berkshire Hathaway.Тие исто така имаа удели во Superior Bank of Chicago (која пропадна во 2001 година), кредитното биро TransUnion, авиокомпаниите Braniff, списанието McCall’s и крстаречката линија Royal Caribbean International.
Аналитика








