Не знаеме со што се труеме бидејќи никој во државава не контролира стотици штетни хемикалии кои се наоѓаат во козметичките производи за деца и за возрасни, кои се наоѓаат на рафтовите на домашните продавници. Причина за ова е тоа што листата за забранети супстанци во козметичките производи донесена во 2010 година не е ажурирана ниту еднаш, што не ја следи праксата на ЕУ каде оваа листа повеќекратно е ажурирана во истиот период. Поради тоа постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанци за кои на територија на ЕУ е утврдено дека се штетни по здравјето, а истите да не се забранети на територијата на нашата држава, стои во најновиот ревизорски извештај за работењето на Државниот санитареен и здравствен инспекторат.
Законот за безбедност на козметички производи дава листа на супстанции што не смеат да бидат користени во козметичките производи, во која како забранети, делумно забранети или времено дозволени се наведени околу 1.600 супстанции. Оваа листа е донесена во 2010 година и до денот на ревизијата не е ажурирана ниту еднаш, што не ја следи праксата на ЕУ чија листа на забранети супстанци во козметичките производи во истиот период повеќекратно е ажурирана, а до денот на ревизијата брои 1.751 забранети супстанции, се наведува во ревизорскиот извештај.
Најновите измени на европската регулатива, со важност од годинава, на пример, донесуваат проширени забрани за пер- и полифлуороалкилни супстанции (PFAS) поради ризици од перзистентност и биоакумулација, како и построги ограничувања за деривати на салицилна киселина во производи за деца. Само со последните измени, со важност од 2026 година, во ЕУ е забранета и употребата на формалдехид (како конзерванс), оловен ацетат, хлорамфеникол, антибиотиците тетрациклин, естрадиол, прогестерон, жива, соединенија на олово.
Поради тоа, како што се наведува во ревизорскиот извештај, „постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанци за кои на територија на ЕУ е утврдено дека се штетни по здравјето, а истите да не се забранети на територијата на нашата држава“. Ваквата состојба се должи на тоа што во законот за безбедност на козметичките производи не била предвидена обврската листата на забранети хемикалии да се надополнува со цел посеопфатна заштита на корисниците на козметичките производи односно да се ускладува со чекорите кои на тој план ги превзема Европската Унија.
За разлика од Македонија, ЕУ постојано ја надградува и надополнува својата листа на забранети хемикалии и од последното ажурирање на македонската листа до денес во Унијата се забранети уште 150 опасни канцерогени, мутагени и репротоксични хемикалии. За нив, во нашата држава, поради неажурираната листа, не постои забрана, поради што, производи кои ги содржат овие хемиски супстаници можат и натаму да се наоѓаат во слободна продажба и да го најдат својот пат до домашниот потрошувач.
Државните ревизори забележуваат и дека во рамки на државните лаборатории не се обезбедени услови и техничка опременост за испитување на сите забранети супстанци во козметичките производи, што значи дека и за оние 1.600 хемикалии кои според сегашната листа се забранети во Македонија, домашните државни лаборатории не можат да обезбедат ефикасна контрола. Посебно сериозна е забелешката во ревизорскиот извештај во која се наведува дека ниту една лабораторија нема опрема за испитување на забранети супстанци (фталати и бор) во детските играчки кои се увезуваат и пуштаат во промет на територијата на државата.
Еве што вели ревизорскиот извештај: „Согласно информациите добиени од Инспекторатот, ИЈЗ врши само ограничен број анализи и тоа: микробиолошка исправност на производите, определување на содржина на само неколку тешки метали (кадиум, олово, никел и хром), PH вредност и определување на содржина на површинско активни материи, а додека пак неколку, од вкупно 10 ЦЈЗ, распоредени на целата територија на државата се опремени да вршат само контрола на микробиолошка чистота на козметички производи; „ниту една лабораторија нема опрема за испитување на забранети супстанци (фталати и бор) во детските играчки кои се увезуваат и пуштаат во промет на територијата на државата, а во ИЈЗ се вршат одредени испитувања за безбедноста на детските играчки (миграција на тешки метали, специфична миграција на природни ароматични амини и испуштање на боја)““.
Ј.Дуковска
(Фото: Pear285 at English Wikipedia)
Аналитика








