Обвинителството во Милано го идентификува првиот осомничен во случајот „Сараево сафари“ — 80‑годишниот Џузепе Вегнадуцо, поранешен возач на камион од Саворњано, во италијанската покраина Порденоне. Тој е обвинет за повеќекратни убиства со умисла, извршени во периодот 1992–1995 година, во време на војната во Босна и Херцеговина, кога странски државјани, меѓу кои и Италијанци, наводно плаќале за учество во напади врз цивили во Сараево.
При претресот на неговиот дом на 4 февруари биле пронајдени два пиштола, една карабина и четири пушки, соопштија италијанските истражни органи. Вегнадуцо, е повикан на сослушување пред Обвинителството во Милано закажано за 9 февруари, а истрагата ја води обвинителот Алесандро Гобис во координација со специјалната единица на карабињерите РОС. Според најавите, истрагата ќе се прошири и пред меѓународните институции во Хаг.
Случајот предизвика револт и неверување во локалната заедница во Сан Вито ал Таљаменто. Градоначалникот Алберто Бернава јавно го изрази своето згрозување и најави дека општината може да се приклучи како оштетена страна во постапката, доколку обвинувањата се потврдат.
„Сараево сафари“ е термин со кој се опишуваат наводни активности на странски „снајперисти“ за време на опсадата на Сараево — сценарио при кое богати граѓани, плаќајќи, пристапувале на фронтални линии за да пукаат врз цивили. Овие тврдења, долго време предмет на шпекулации и документарни стории, сега добиваат формална правна рамка.
Истражителите, покрај Вегнадуцо, работат на идентификација на други лица, истражувајќи архивите за патувања, гранични записи и авиосообраќајни податоци од раните 1990‑ти. Овие документи би помогнале да се утврди кои други државјани од централна и западна Европа биле присутни во Сараево во периодот на наводните злосторства.
Со години, истражувачки новинари и преживеани сведочат за присуство на странци на позициите околу Сараево, а најновите откритија ја возобновија јавната дебата за можните злоупотреби и пропусти во третманот на злосторствата од страна на меѓународните сили. Босански политичари и истражувачи, вклучително и поранешната градоначалничка на Сараево, Бенијамина Кариќ, повикаа случајот да се третира и како меѓународно прашање на правдата, со цел да се обезбеди правдата за жртвите и семејствата погодени од опсадата.
(Фото: n1info.hr)
Аналитика








