
По години апели, кампањи и предупредувања за небезбедниот сообраќај, Македонија конечно влезе во нова фаза на контрола и превенција. Системот за видео-надзор и автоматско санкционирање „Безбеден град“, кој од 1 февруари официјално почна да функционира, уште во првите часови испрати силна порака – дисциплината во сообраќајот може да се подобри, и тоа брзо.
Податоците од првиот ден од примената се повеќе од охрабрувачки. Наместо десетици илјади прекршоци, паметните камери регистрирале околу 500 сообраќајни прекршувања, драстично намалување во однос на периодот кога системот беше во тест-фаза. Само пред два месеца, бројката надминуваше 120 илјади.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека ваквиот пад е јасен сигнал дека граѓаните ја сфатиле пораката. Според него, токму свесноста и одговорното однесување на учесниците во сообраќајот придонеле за значително подобрување на безбедносната состојба, особено на подрачјето на СВР Скопје.
За период од два месеци, бројот на повредени лица во сообраќајни незгоди е намален за околу 35 проценти, а бројот на загинати се преполовил – од 11 на четири. „Овие резултати покажуваат дека и кај нас можат да се применат европски стандарди, доколку се пристапи сериозно и системски“, порача Тошковски, изразувајќи благодарност до граѓаните.
Системот „Безбеден град“ моментално функционира на територијата на Скопје, Куманово и Тетово, како и долж Коридорите 8 и 10. Камерите се поставени на критични локации каде најчесто се случуваат сообраќајни прекршоци и незгоди, а прекршувањата се евидентираат автоматски, без директен контакт меѓу полицијата и возачите.
Во оваа фаза, системот детектира четири најчести прекршоци: непрописно паркирање, пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло и управување возило со истечена сообраќајна дозвола. Во наредниот период, најавено е проширување и со други прекршувања, како користење мобилен телефон и неносење сигурносен појас.
За да се олесни транзицијата кон новиот начин на контрола, Владата и Министерството за внатрешни работи одлучија привремено да воведат повисок праг на толеранција при мерењето на брзината. Наместо стандардните 10 проценти, кои важат во повеќето европски земји, во почетната фаза толеранцијата изнесува околу 15 проценти.
Според новиот правилник, толеранцијата е дефинирана појасно: до 50 километри на час дозволено е пречекорување од 6 километри, од 50 до 100 до 9 километри, а над 100 километри на час – до 12 километри. Така, на пример, ако ограничувањето е 30 километри на час, санкција ќе следи дури од 37 километри.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека ова е транзициски период и дека целта не е веднаш казнување, туку навикнување на возачите на новиот систем. Како што ќе расте свеста и дисциплината, така постепено ќе се враќаат и построгите, европски критериуми.
И премиерот и министерот се децидни во пораката: „Безбеден град“ не е проект за полнење на буџетот, туку алатка за спасување животи. Ако трендот на намалување на прекршоците и сообраќајните незгоди продолжи, тоа ќе биде јасен доказ дека технологијата, комбинирана со одговорно однесување, може да направи вистинска промена на македонските улици.
Аналитика








