ПОВЕЌЕ

    КАКОВ БДП, ТАКОВ СТАНДАРД – досега ги претркавме Босна и Херцеговина, Албанија и Косово

    Време зa читање: 4 минути

    Работниците се незадоволни од платите, а стопанствениците од продуктивноста. Проблемот се сведува на старата поговорка: Кој е постар, јајцето или кокошката? Во меѓувреме, на повидок е голем работнички протест. Според најавите на ССМ, протестот на 28 јануари е само почеток. Можен е и генерален штрајк.

    ‒ На само 50-ина километри од кај нас, платите се повисоки. Нашите работници си заминуваат за да градат туѓи економии. Стопанствениците се најголемите виновници што децата ни заминаа во странство. А Владата ги пушти работниците низ раце – порача претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

    „Пари“ анализира на какво ниво е нашата економија во однос на околните земји и какви се платите на работниците во Регионот.

    Во центарот на националните сметки е производството на стоките и услугите, односно бруто-домашниот производ (БДП), кој е главен показател за развиеноста на економијата на секоја држава.
    „Со податокот за бруто-домашниот производ по жител се врши споредба на развиеноста на државата во однос на други држави, споредба на продуктивноста на трудот, и се добиваат податоците за бруто-националниот доход, бруто-штедењето и нето-задолжувањето на државата“, информира Државниот завод за статистика.
    Но, и тој податок сам по себе не е споредлив ако се земе предвид куповната моќ на парите во различни земји. Затоа ММФ го пресметува паритетот на куповната моќ (ПКМ), со што се овозможува прилагодување на разликите во нивоата на цените меѓу земјите, овозможувајќи бројките за БДП значајно да се споредуваат меѓу земјите. Поради пониските цени кај нас, БДП со применет ПКМ има сосем поинаква, многу повисока бројка од номиналната. Но, сепак е недоволна за да ги стигнеме земјите од опкружувањето, освен Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, кои сме ги претркале.

    ММФ во октомври ги објави проценетите вредности на БДП по жител (со применетиот паритет на куповна моќ) за 2025 година, пренесува Worldometer. Во тој случај се користат пресметковни пари, таканаречени интернационални долари, а Македонија има 29.510 интернационални долари БДП по жител. Од соседите, Албанија има 23.327 интернационални долари, Србија 32.742, Бугарија 42.474, Грција 44.985. Косово, но со податок за 2024 година, има БДП од 16.400 интернационални долари по жител.

    Евростат пресметува и расположливи приходи по семејства, исто така во интернационални долари, со земање предвид на куповната моќ во одделни земји, но, за жал, таму нема податоци за Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина.

    Националните статистички установи во земјиве од нашето опкружување покажуваат дека Македонија е речиси на дното по просечната и по минималната плата. Разлики во цени има, но прашање е дали тие се толку големи за да ги ублажат разликите во платите?

    Според податоците од националните статистички бироа, Македонија има пониска плата од Босна и Херцеговина, а повисока од Албанија. Последен податок од косовската Агенција за статистика има за просек на плати во 2024 година. Останатите земји имаат значаен процент повисоки плати од нашите просечни. Дел од нив пресметуваат и медијална плата, што е најблиску до најчестите плати што се даваат. Кај нас не се пресметува, а во јавноста има големи забелешки дека просекот од 45.961 денар во нето-износ за најголем дел од работниците е незамислив.

    Податоците што ги објавуваат националните агенции најчесто се за ноември. Интересно, но грчката агенција за статистика не објавува просечна плата.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк. 
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично