
Додека Брисел го стега дигиталниот часовник за престој во шенген-зоната, македонските превозници предупредуваат дека секој нов печат во системот значи чекор поблиску до транспортен и туристички колапс. ППравилото за престој од 90 дена во период од 180, кое без исклучок се применува и за професионалните возачи, според нив не е техничко прашање, туку егзистенцијален проблем што директно го доведува во прашање опстанокот на меѓународниот превоз.
Асоцијацијата на автобуските превозници „Исток“ алармира дека новиот начин на електронска евиденција во шенген-зоната сериозно го отежнува секојдневното работење и редовното одржување на меѓународните линии за превоз на патници. Линии што со години функционираат без прекин, тури што се организираат низ повеќе држави и договори со странски туристички агенции сега зависат од тоа колку денови некој возач поминал зад воланот во земјите од Шенген, без притоа да се прави разлика меѓу турист, мигрант и лице што професионално ја извршува својата работа.
Претседателот на Асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски, предупредува дека европската регулатива во сегашна форма целосно го игнорира специфичниот карактер на професионалниот превоз. Македонските автобуски компании со децении реализираат балкански тури што гравитираат низ повеќе земји, вршат меѓународен превоз организиран од тур-оператори и туристички агенции и се значаен дел од регионалната туристичка понуда. Новиот начин на евиденција, вели тој, не само што го отежнува нивното секојдневно функционирање, туку создава и сериозен ризик за укинување на редовни линии и откажување на веќе договорени аранжмани.
Според статистичките податоци што ги изнесуваат превозниците, само во текот на 2025 година, на месечно ниво, во просек по 100.000 туристи користеле превоз од македонски компании до различни европски дестинации. Тоа не се апстрактни бројки, туку реален показател за обемот на работа и за улогата што транспортот ја има во туристичката индустрија. Доколку овие линии почнат да се укинуваат или да се редуцираат поради административни ограничувања, последиците, како што предупредува Трпковски, би биле поразителни.
Ограничувањето на движењето на возачите не се одразува само врз нивниот ангажман, туку предизвикува синџир на негативни ефекти врз фирмите, граѓаните и целокупната економија. Се очекува пад на приходите во туризмот, затворање на компании и мали бизниси, губење работни места и сериозно намалување на конкурентноста на македонските превозници на меѓународниот пазар. Во пракса, тоа значи дека фирмите ќе бидат принудени да држат возачи дома со месеци, да исплаќаат минимални плати без реална работа и да ги зголемуваат трошоците во услови на намалени приходи, што за многумина е економски неодржливо.
Истата загриженост ја делат и камионските превозници, обединети во асоцијацијата „Макам-транс“, кои заедно со колегите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина веќе започнаа блокади на товарниот сообраќај кон шенген-зоната. Тие сметаат дека ЕЕС-системот ги дискриминира во однос на превозниците од Европската Унија и бараат посебен статус за професионалните возачи, чие работно место не е канцеларија, туку патот.
Билјана Муратовска од „Макам-транс“ нагласува дека станува збор за професионална дејност во која возачот работи во сопствената држава, возилото е регистрирано во сопствената држава, а превозот се одвива врз основа на билатерални и мултилатерални договори што со години функционираат на реципрочна основа. Според неа, економска оправданост за воведување по двајца возачи или за принудно мирување на работната сила едноставно не постои, особено во услови кога веќе има недостиг од возачи и возила.
Дополнителен проблем, според превозниците, е фактот што патниот превоз е единствениот што е опфатен со вакво броење на денови за престој, додека другите видови превоз, како бродскиот, железничкиот и јавниот, се ослободени од вакви ограничувања. Тоа, велат тие, создава очигледна нерамноправност и го става патниот транспорт во подредена положба, иако токму тој е еден од клучните двигатели на трговијата и туризмот во регионот.
Превозниците нагласуваат дека нивната цел не е да го заглават стопанството, туку да покажат што може да се случи доколку не се најде фер и применливо решение. Доколку европските институции продолжат да го игнорираат специфичниот карактер на професионалниот превоз, најавуваат дека ќе бидат принудени да преземат и други форми на притисок. Во спротивно, предупредуваат, ќе се соочиме со сценарио во кое Европа ќе продолжи да брои денови во дигиталните системи, а Балканот ќе брои изгубени линии, откажани тури, затворени фирми и уште една сериозна економска штета што можела да се избегне.
(Фото: архива, Vasyatka1, Wikimedia)
Аналитика








