
Протестот на товарните превозници, кој започна како предупредување, веќе произведува конкретни последици, од блокирани пристаништа и нарушени синџири на снабдување, до ризик за нормалното функционирање на училиштата и стопанството.
Првиот ден од блокадата на товарниот сообраќај во Црна Гора помина без застој за патниците, но речиси целосно го запре движењето на камионите. Превозниците ги паркираа своите возила во близина на граничните премини со Србија, Албанија, Хрватска и Босна и Херцеговина, со цел да го спречат преминот на други товарни возила. Истовремено беше блокирано и пристаништето Бар, каде што влезовите и излезите за камиони беа затворени, со што беше прекината работата не само на државното пристаниште, туку и на приватни оператори што функционираат во рамките на Слободната зона.
Последиците брзо се почувствуваа. Големи количини нафта за греење останаа во резервоарите, а српското Министерството за образование предупреди дека поради неможноста за испорака на енергенси може да се доведе во прашање греењето во училиштата. Во период кога температурите се ниски, секое отстапување од рутинското снабдување може директно да влијае врз одвивањето на наставата и законската обврска за непречена настава.
Превозниците порачуваат дека не ја блокираат сопствената економска активност од инат, туку за да покажат што може да се случи ако проблемите останат нерешени. Тие бараат промени во системот на акцизи за гориво, побрз поврат на ДДВ, продолжено работно време на царинските и фитосанитарните служби, како и корекции во европските правила што се однесуваат на престојот на професионалните возачи. Клучната точка на незадоволство е примената на електронскиот систем за евиденција на влез и излез во Шенген зоната и строгото правило 90 дена престој во период од 180 дена, кое важи за државјаните од земји надвор од ЕУ.
Македонските превозници, заедно со нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, најавија дека блокадите ќе траат најмалку една недела, при што патничкиот сообраќај не е засегнат. Тие сметаат дека новиот систем ги става во нерамноправна положба во однос на превозниците од земјите членки на ЕУ и бараат професионалните возачи да не се третираат како туристи.
Според нив, ограничувањата се економски неодржливи и во пракса значат дека еден возач мора со месеци да седи дома, додека другиот работи, што создава финансиски загуби и за компаниите и за самите работници. Тие потсетуваат дека постојат билатерални договори со европските држави кои дозволуваат пристап и транзит, но дека во пракса новиот систем ги поткопува тие договори.
Европската комисија признава дека постои проблем за професиите со висока мобилност, меѓу кои и возачите на камиони, но нагласува дека системот за влез-излез не воведува нови правила, туку само овозможува построга примена на постојните. Од Брисел порачуваат дека решенијата се поврзани и со националните политики на земјите членки и дека прашањето ќе биде разгледано во рамките на новата визна стратегија која треба да биде објавена наскоро.
Во меѓувреме, македонските власти застанаа зад превозниците, оценувајќи дека предупредувањето е навремено и дека наредните месеци треба максимално да се искористат за да се најде решение. Како можни излези се споменуваат одложување на примената на електронскиот систем, значително зголемување на дозволениот број денови за престој во Шенген зоната или воведување посебен статус за професионалните возачи, слично на моделот што го применува Швајцарија.
Бизнис заедницата веќе предупредува дека продолжување на блокадите и целосна примена на новиот режим без прилагодување ќе има сериозни последици, не само за регионалната, туку и за европската економија. Протестите, иако најавени како времен притисок, јасно покажуваат колку европските пазари зависат од непреченото движење на стоката од Западен Балкан. Ако компромисот изостане, следните чекори би можеле да бидат уште погласни и поскапи за сите страни.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








