
Доналд Трамп се повлече од своите закани за преземање на Гренланд откако Велика Британија јасно се заложи за почитување на суверенитетот на данската територија, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами во интервју за Би-Би-Си.
Говорејќи во емисијата „Политичкото размислување на Ник Робинсон“, Лами изјави дека американскиот претседател одговорил на нивните загрижености со тоа што се откажал од заканите за употреба на воена сила или трговски санкции со цел преземање на контролата врз островот. Тој додаде дека европските земји сега се вратиле таму каде што сакале да бидат – а тоа е преговарање.
Сепак, Лами нагласи дека Трамп и понатаму е решен САД да играат поголема улога во регионалната безбедност на Арктикот, особено во услови на зголемена руска активност во регионот.
Најновиот пресврт во дипломатијата на Трамп донесе олеснување за британскиот премиер Кир Стармер. Во средата, американскиот претседател официјално се откажа од заканите за употреба на воена сила за преземање на Гренланд, повлекувајќи се од позиција што се закануваше сериозно да ги наруши односите со Данска и со другите сојузници во НАТО. Само неколку часа подоцна, Трамп се повлече и од заканата дека ќе воведе увозни царини од 10 проценти за осум земји, меѓу кои и Велика Британија, кои се спротивставија на неговите барања, наведувајќи напредок кон „иден договор“ поврзан со Гренланд.
Стармер не се закани со одмазднички царини, и покрај тоа што Трамп претходно го нарече договорот на британскиот премиер за предавање на островите Чагос на Маврициус „чин на голема глупост“, тврдејќи дека тоа покажува потреба од зголемено американско присуство на Гренланд. Сепак, Стармер во средата го заостри својот јавен став, порачувајќи пред пратениците дека нема да „попушти“ кога станува збор за правото на самоопределување на Гренланд.
Од Даунинг стрит, исто така, посочија дека повлекувањето на Трамп од заканите за санкции е резултат на „сериозна задкулисна дипломатија“.
Лами, кој е близок со американскиот потпретседател Џ. Д. Венс, изјави дека никогаш не верувал оти САД навистина би употребиле воена сила за да ја анектираат данската територија. „Тоа никогаш, ама баш никогаш нема да се случи“, рече тој во интервјуто, додавајќи дека уште во јануари минатата година, пред почетокот на вториот мандат на Трамп, изјавил дека американскиот претседател нема да се обиде да го земе Гренланд со сила.
Според Лами, промената на пристапот на Трамп оваа недела е директна последица на јасно и недвосмислено искажаниот став на Велика Британија и европските партнери за потребата од почитување на меѓународното право и волјата на сојузниците во НАТО. „Да се потсетиме што навистина се случи – Доналд Трамп се повлече од каков било предлог за употреба на сила и од употребата на царини“, рече тој.
„Зошто? Затоа што неговиот близок пријател, Обединетото Кралство, заедно со европските партнери, го изрази своето незадоволство. И тој се повлече“, додаде Лами, нагласувајќи дека, и покрај гласната реторика, САД сепак одговориле на загриженостите на своите сојузници.
Тој, сепак, предупреди дека меѓународната политика влегува во „нова средина“, во која големите сили би можеле сè почесто да користат принуда наместо институционални механизми за решавање на споровите. „Стариот поредок нема да се врати. Тектонските плочи се поместија и се случува длабока промена“, рече Лами.
Според него, зголемениот фокус на САД кон Азија значи дека Европа ќе мора да преземе водечка улога во рамките на трансатлантскиот сојуз на НАТО во текот на „следниот век“.
(Фото: Christoph Strässler, Wikimedia)
Аналитика








