
На пладне, на 26 јануари, граничните рампи ќе станат симбол на еден подлабок судир меѓу правилата и реалноста. Точно во 12:00 часот, професионалните превозници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија ќе ги паркираат своите камиони на сите гранични премини на овие земји, најавувајќи целосна блокада на товарниот сообраќај кон Европската Унија и транзитот низ регионот. Нема да се влегува, ниту ќе се излегува со товарни возила, освен ако тие не превезуваат лекови, живи животни или специфични безбедносни пратки. Сè друго, барем тој ден, ќе мора да почека.
Ова не е спонтан протест, ниту краткотраен излив на незадоволство. Тоа е кулминација на долг период на притисоци и тивко натрупувани проблеми што, според превозниците, кулминираа со целосната примена на системот за евиденција на влез и излез, EES, и строгото толкување на правилото 90/180 дена за престој во Шенген зоната. За професионалните возачи од земјите надвор од Европската Унија, ова правило значи нешто повеќе од административна одредба: значи апсења, депортации, забрани за влез и неизвесност што трае со месеци, па дури и години.
„Нашите возачи не се туристи, ниту мигранти, туку луѓе што ја движат европската економија“, предупредува Александар Спасиќ, генерален секретар на Здружението на меѓународни патни превозници на Србија „Меѓународен транспорт“. Според него, за време на протестот нема да има никакви компромиси, влезот и излезот на камионите ќе биде целосно оневозможен. Целта, вели, не е блокада поради блокада, туку јасна порака дека професионалните возачи мора да бидат одвоени од нелегалните миграции и безбедносните ризици со кои моментално се поистоветуваат.
Последиците, сепак, одамна ги надминуваат рамките на транспортниот сектор. Логистичкиот конзорциум на Босна и Херцеговина предупредува дека прекинот на транспортот може да стави во ризик најмалку еден милион тони стока. Тоа во пракса значи одложени испораки, раскинати договори, казни, недостиг на суровини и прекини во производството и трговијата низ целиот регион. Според нив, ова е удар што директно ја погодува економијата на сите земји од Западен Балкан, но индиректно и европските пазари што зависат од овие синџири на снабдување.
Дополнителна тежина на ситуацијата ѝ даваат анализите на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6, кои укажуваат дека новите правила веќе ги зголемуваат оперативните трошоци, го отежнуваат движењето на стоките и создаваат хроничен недостиг од возачи. Со над 75 проценти од регионалниот извоз насочен кон Европската Унија, секое нарушување на транспортниот ритам има далекусежни последици. „Ова не е само административен проблем, туку прашање што засега стотици илјади компании и речиси 60 проценти од надворешната трговија на регионот“, предупредуваат од форумот.
Превозниците потсетуваат дека во изминатите две години воделе интензивен дијалог со Европска комисија и со релевантните институции на Унијата, вклучително и со претставници на Генералниот директорат за мобилност и транспорт – DG MOVE, во рамките на Берлинскиот процес и средби во Брисел. И покрај тоа, одлуките што стапија во сила на 15 јануари 2026 година, според нив, може да резултираат со губење на околу една третина од возачите и транспортниот капацитет, што претставува сериозна закана за стабилноста на снабдувачките ланци.
Во своите последни реакции, бизнис-заедницата од регионот предлага прагматични решенија, од дигитална претходна регистрација и поедноставени дозволи за престој, до подолгорочно прилагодување на шенгенските правила за професионалниот транспорт. Но, додека тие предлози чекаат институционален одговор, камионите ќе чекаат на границите.
„Немаме друг избор“, порачуваат превозниците. За нив, протестот на 26 јануари не е само блокада, туку обид да се одбрани правото на работа и да се потсети дека зад секоја регулатива стојат луѓе, компании и цели економии. Дали оваа порака ќе биде доволно гласна за да допре до европските институции, ќе се види токму таму каде што трговијата прва застанува – на границите.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








