
„Основната смисла на НЛБ Банка оди подалеку од проекти и финансиски извештаи, таа има значајно економско и општествено влијание врз заедницата. Затоа годинава ја изработивме првата студија од ваков тип за банка во Македонија, со цел да се измери и анализира нашето влијание врз економскиот раст, додадената вредност (плати, даноци, добивки), работните места и квалитетот на живот во заедницата“, истакна Тони Стојановски, претседател на УО на НЛБ банка, на панел дискусијата каде што се говореше за студијата за социо-економското влијание на НЛБ банка во земјава.
Студијата беше публикувана на меѓунродната конференција „НЛБ некст“ по повод одбележувањето на 40 годишнината од основањето на банката во земјава.
Академик Абдулменаф Беџети истакна дека е време да се погледне на економијата како целина и на научен, систематизиран начин да се измери улогата што една банка, како НЛБ, ја има во националниот развој. Тој објасни дека применетата методологија во студијата овозможува прецизно да се утврди економското влијание на НЛБ Банка врз македонската економија, преку низа параметри и индикатори, а не само преку голи бројки од билансите.
„НЛБ има значајна тежина во финансиското посредување: до крајот на 2024 година банката мобилизирала депозити во износ од околу 1,7 милијарди евра, додека кредитното портфолио достигнало околу 1,4 милијарди евра. Само овие две бројки доволно зборуваат за улогата на НЛБ во поддршката на економската активност. Дополнително, банката дава силен поттик на приватниот сектор преку кредитна поддршка на компании, претприемачи и развојни проекти што, според пресметките во студијата, резултира со новосоздадена вредност еквивалентна на повеќе од 4,5% од националната економија во 2024 година“, посочи Беџети.
Тој укажа и на ефектот врз вработеноста, наведувајќи дека НЛБ не влијае само преку своите 970 директно вработени, туку и индиректно, преку синџирот на добавувачи и партнери и поддржува над 23.400 работни места. Како системски важна банка, НЛБ, според Беџети, е еден од столбовите на стабилноста на финансискиот и банкарскиот сектор, а со тоа и фактор за намалување на системските ризици во целата економија.
Осврнувајќи се и на аспектот на јавните финансии и развојот на пазарот на капитал, академикот потсети дека НЛБ учествува со околу 4% во вкупните јавни приходи, директно и индиректно, што е силен сигнал за нејзината тежина на ниво на држава. Потсети и дека уште пред 17 години НЛБ била првата банка во земјава што издала корпоративна обврзница, во износ од 7 милиони евра, со што дала важен импулс за развој на домашниот пазар на капитал. Сумирајќи, Беџети оцени дека сите овие показатели јасно го потврдуваат значителниот и повеќеслоен придонес на НЛБ Банка за економијата и за јавниот интерес.
Независниот член на Надзорниот одбор, Зоран Јовановски, посочи дека Банката континуирано инвестира во дигитализација и иновации, при што само во 2024 година за овие цели биле издвоени околу 1,6 милиони евра. Според него, ова не се само технолошки унапредувања, туку основа за долгорочна одржливост и подобро корисничко искуство.

„НЛБ ужива доверба на повеќе од 471.000 активни клиенти, од кои околу 453.000 се физички лица, а над 17.000 се корпоративни клиенти. Преку Банката 134.000 граѓани ја примаат својата плата, што значи дека речиси секој четврти вработен во земјата има деловен однос со НЛБ. Покрај тоа, 81.000 пензионери ја добиваат пензијата преку Банката, а 42.000 корисници примаат социјални надоместоци. Овие бројки најдобро покажуваат колку длабоко НЛБ е интегрирана во секојдневието на луѓето и во функционирањето на економијата“, истакна Јовановски,
Тој потсети дека НЛБ е лидер во почитувањето на ЕСГ стандардите, две третини од сите трансакции веќе се извршуваат електронски, а употребата на хартија е преполовена. Во текот на 2024 година Банката инвестирала околу 500.000 евра во повеќе од педесет општествено одговорни иницијативи и проекти, со што дополнително го зајакнува својот придонес кон заедницата. Во однос на грижата за вработените, Јовановски вели дека покрај надпросечните плати, повисокиот регрес и другите бенефиции, Банката силно вложува и во нивниот професионален развој: минатата година биле реализирани околу 55.000 часа обуки, во кои се инвестирани 660.000 евра, што значи дека секој вработен просечно поминал по 57 часа дополнителна едукација.
Посебно се нагласи и придонесот на НЛБ кон енергетската транзиција и заштитата на животната средина.
„Во 2024 година Банката насочила над 50 милиони евра кон околу 1.000 проекти за физички и правни лица поврзани со соларни паркови, ветерници, биогасни централи и мерки за енергетска ефикасност. Со тоа НЛБ учествувала во финансирање капацитети од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од околу 100 мегавати. Овие инвестиции, според проценките, ќе го намалат јаглеродниот отпечаток за околу 50.000 тони CO₂, што отприлика одговара на емисиите од 10.000 автомобили“, нагласи Јовановски, додавајќи дека НЛБ, како дел од најголемата банкарска и финансиска групација во регионот, е силно посветена на унапредување на квалитетот на животот и придонесува за одржлива економија.
Во анализата на вкупното позиционирање на Банката беше истакнато дека таа во 2024 година управувала со актива од околу 2 милијарди евра, што претставува приближно 14 проценти од македонскиот БДП. Со пазарен удел од 16 проценти во банкарскиот сектор, НЛБ е меѓу трите најголеми банки во земјата. Притоа, во 2024 година била создадена додадена вредност во износ од 675 милиони евра, што е еквивалентно на околу 4,3 проценти од националниот БДП.
Академик Абдулменаф Беџети, осврнувајќи се на перцепцијата во јавноста, истакна дека често се создава впечаток оти „банките се премногу профитабилни“, но предупреди дека тоа е поедноставен поглед на работите. Според него, профитабилноста е еден од најсигурните показатели за стабилност, способност за раст и развој, и на банката, и на економијата во целина. Тој потсети дека банката по дефиниција е организација заснована на доверба, а доверба не може да постои без одржливост, континуитет и квалитетни услуги.
„Банките се профитабилни, но преземаат и огромен ризик, го ризикуваат сопствениот капитал, а потоа и средствата доверени преку депозитите. Има ли нешто поодговорно од тоа како ќе се управува со тие пари и како ќе се алоцираат правилно и профитабилно?“, вели Беџети, додавајќи дека не треба да се робува на перцепциите кои ги шират таканаречените „народни економисти“.

Стојановски додаде дека растот на Банката не запира и дека јубилејот се одбележува со силен фокус на иднината. Според него, резултатите во 2024 година јасно ја потврдуваат таа динамика: активата на Банката е зголемена за околу 20 проценти, односно за приближно 400 милиони евра, кредитирањето во корпоративниот сектор пораснало за 32 проценти, кредитирањето на населението за 15 проценти, а депозитите бележат раст од 16 проценти. Стојановски изрази уверување дека овие трендови ќе продолжат и понатаму.
Тој најави дека НЛБ ќе продолжи да го развива концептот „digital first“ и дека до крајот на годината целата палета услуги ќе биде достапна 24 часа дневно, од која било точка во светот, без потреба клиентите физички да одат во експозитура. Паралелно се обновува и модернизира мрежата на филијали. Тој нагласи дека крајната цел не е самата технологија, туку преку неа да се испорача врвно корисничко искуство што НЛБ Банка Скопје сака да го донесе на домашниот пазар, а тоа е возможно бидејќи Банката стои зад силна и регионално присутна групација.
На крајот, беше потсетено дека од мала финансиска организација основана во 1985 година, НЛБ Банка денес прерасна во една од водечките банки во земјата, силна и стабилна институција со значаен, повеќеслоен придонес во економскиот развој и во секојдневниот живот на граѓаните.
Аналитика








