
Европската Унија ја засилува офанзивата против неконтролираниот прилив на евтини пакети од кинеските платформи за онлајн трговија. По години предупредувања и растечки незадоволства од европските бизниси, министрите за финансии конечно усогласија побрза интервенција: укинување на царинското ослободување за пратки под 150 евра уште во првиот квартал од 2026 година – две години порано од првично планираното. Со тоа, значително ќе се промени моделот на кој функционираат гигантите „Шеин“, „Тему“, „АлиЕкспрес“ и други слични платформи, кои досега ја користеа дупката во правилата за да нудат стоки по драстично пониски цени.
Притисокот врз ЕУ драматично се зголеми откако бројот на пакети со ниска вредност од Кина минатата година се дуплираше и достигна 4,6 милијарди пратки, при што над 90% потекнуваат токму од кинески продавачи. Европските малопродажни компании предупредуваат дека ваквата практика систематски ја нарушува конкуренцијата, а индустриските сектори, особено модниот, губат битка со ценовните политики на кинеските производители. Германскиот „Заландо“, италијанските модни здруженија, па дури и поштенските оператори низ Европа одамна алармираат дека пазарот не може да издржи уште долго под вакви услови.
Европскиот комесар Марош Шефчовиќ предложи тековното ограничено ослободување да се замени со поедноставена привремена царинска такса, која ќе важи додека не стапи во сила пошироката реформа на царинскиот систем најавена за 2028 година. Но политичкиот притисок за побрзо делување станува сè поочигледен, особено кога неколку земји-членки веќе воведуваат сопствени национални такси. Романија предложи ракувачка такса од 25 леи, Италија работи на свој даночен модел, а Франција, Германија и Холандија бараат да се стави крај на „евтините пратки што го преплавуваат континентот“.
Европските парламентарци и министрите предупредуваат дека Европа се соочува со сценарио во кое, по укинувањето на американската политика „de minimis“, голем дел од кинескиот евтин увоз може дополнително да се пренасочи кон ЕУ. Со Црниот петок и новогодишните празници на прагот, пратките веќе го надминуваат годишното ниво на претходната година, што дополнително ја истакнува потребата од итна реакција.
И покрај широката поддршка, остануваат отворени прашања – дали предложената такса од 2 евра ќе има реален ефект и како да се спречи Европа да се фрагментира со различни национални правила што ќе го нарушат единствениот пазар. Некои индустриски претставници дури ја нарекуваат таквата такса „шега“, предупредувајќи дека неколку евра нема да ја намалат привлечноста на платформите како „Шеин“ или „Тему“.
Сепак, европската одлука да ја забрза реформата претставува прв сериозен чекор кон затворање на дупките во системот и воспоставување пофер услови на пазарот. Кинеските платформи, кои засега молчат или избегнуваат коментари, очигледно ќе се соочат со далеку построга регулаторна средина. А за европските производители и трговци, ова претставува можност барем делумно да се воспостави рамнотежа во конкуренцијата што со години е наклонета на страната на евтиниот увоз.
Аналитика








