ПОВЕЌЕ

    ЃЕДОВИЌ ХАДАНОВИЌ: Србија е во многу тешка, речиси безнадежна ситуација по забраната за транзит на руски гас

    Време зa читање: 4 минути

    Откако Советот на Европската Унија усвои забрана за транзит на руски гас преку ЕУ до трети земји, која стапува на сила на 1 јануари, министерката за рударство и енергетика на Република Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ соопшти дека Србија е во многу тешка и речиси безнадежна ситуација.  

    Суштината е дека Бугарија нема да дозволи проток на руски гас преку гасоводот Балкански тек, што ќе ѝ наштети и на Србија, изјави Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.

    Благодарение на одличните односи на српскиот претседател Александар Вучиќ со светските лидери, се надеваме дека ќе најдеме решение и правиме сè што е во наша моќ, но ситуацијата е речиси безнадежна, имајќи ја предвид моменталната состојба во врска со српската нафтена индустрија, информираше Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ во писмена изјава.

    Според Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, Србија, иако „не била учесник во никаков конфликт, се нашла погодена ни крива ни должна“.

    И покрај сè, ќе направиме сѐ што можеме, како и досега, за граѓаните да не ги чувствуваат проблемите со кои се соочуваме, рече Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.

    Со децении, Србија е зависна од увоз на гас од Русија, од каде што задоволува повеќе од 80 проценти од своите енергетски потреби. Според податоците на Републичкиот завод за статистика, ова е за 13 проценти помалку отколку во 2024 година.

    Од почетокот на руската агресија врз Украина, Србија се обидува да воспостави нови правци за снабдување.

    Гас од Азербејџан влезе во Србија во 2024 година, со што беше договорена годишна испорака до 400 милиони кубни метри до 2026 година.

    Годишните потреби на Србија се три милијарди кубни метри природен гас.

    Десетгодишниот договор за снабдување со гас на Србија со Русија истече во мај. Новиот договор сè уште не е потпишан.

    На состанокот во Луксембург, министрите за енергија на Европската Унија усвоија одлука за прекин на увозот на руски гас по 2027 година. Предлогот поднесен од Европската комисија во Советот го доби потребното мнозинство гласови. Унгарија и Словачка, две земји од ЕУ без излез на море, беа против тоа.

    Одлуката претставува мандат до Советот на ЕУ за преговори со Европскиот парламент, чија согласност е неопходна за да стапи во сила регулативата. Се очекува брз договор во Брисел бидејќи Парламентот на ЕУ претходно се залагаше за забрана за увоз на руски гас и нафта.

    Планот на ЕУ е да престане да увозува гас од Русија до крајот на 2027 година. „Иако во последните години вредно работевме за да го исфрлиме рускиот гас и нафта од Европа, сè уште не сме успеале целосно. Затоа е клучно данското претседателство да обезбеди голема поддршка од министрите за енергија за законот што конечно ќе го забрани влезот на руски гас во ЕУ“, изјави данскиот министер за енергетика Ларс Огард на 20 октомври, објави Ројтерс.

    Од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, увозот на гас во ЕУ се намали од повеќе од 40 проценти на 13 проценти. Унијата сè уште увезува гас во вредност од околу 15 милијарди евра од Русија годишно.

    Уделот на руската нафта во вкупниот увоз на ЕУ падна под три проценти.

    На денот кога разговараа за забраната за увоз на руски гас, министрите за надворешни работи на ЕУ разговараа и за 19-тиот пакет санкции против Руската Федерација. Ова бара едногласна поддршка од сите членки, но Унгарија и Словачка се против тоа.

    Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави дека се надева дека новиот пакет санкции ќе биде усвоен до крајот на неделата, евентуално за време на самитот на ЕУ на 24 октомври.

    (Фото: EPA)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично