ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНИЈА ТРОШИ ДЕСЕТИЦИ ГОДИНИ НАМЕСТО ДА СОЗДАВА РАСТ: Според ЗМАИ, потребни се 56 години за да се достигне европскиот стандард

    Време зa читање: 5 минути

    Колку вредат 56 години? За некого скоро цел живот, а за една држава тоа е времето што ѝ е потребно за да го достигне европскиот стандард на живеење. Таква е пораката на најновиот извештај на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) и уште седум организации од Западен Балкан, кој покажува каде навистина се наоѓаме. Но уште поважно, извештајот вели: оваа бројка не е судбина. Таа е предупредување и повик за акција.

    „Навидум, оваа бројка звучи песимистички и предолга, но постојат многу фактори кои можат да го забрзаат процесот и тоа е пораката на која треба да се фокусираме како општество“, вели Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ, објаснувајќи дека моделот на истражувањето предвидува неколку сценарија што го скратуваат патот доколку земјата има полноправно членство во ЕУ, пристап до европскиот пазар и фондови и продолжена институционална поддршка.

    Според анализата, Македонија моментално е далеку од европскиот просек и во плати, и во продуктивност, и во квалитет на институции. Бруто-платата кај нас изнесува околу 1.000 евра, што е само една третина од просечната плата во ЕУ, па со тековното темпо би ни требале четири децении само за да го стигнеме платниот просек. Во стандардот на живеење сме околу 42 проценти од БДП по глава на жител на Унијата, а проблемот не е само нивото туку и брзината: растеме поспоро од ЕУ и така јазот се одржува.

    Токму затоа Митевски предупредува дека клучниот фокус треба да биде продуктивноста и паметните домашни политики: „Она кон што треба да се фокусираме како држава е зголемување на продуктивноста, инвестирање во попаметни социјални трансфери насочени кон активација, како и инвестирање во дигитализација и инфраструктура.“ Паралелно, тој додава дека зголемувањето на платите, иако може да ги поттикне економските текови, мора да биде придружено со раст на продуктивноста, во спротивно, ефектите можат да создадат притисоци, иако моменталните параметри оставаат простор за умерено коректирање на примањата.

    Извештајот не застанува на дијагнозата. Нуди сценарија што покажуваат колку членството во ЕУ, пристапот до пазарот и фондовите и подлабоката институционална поддршка можат да ја забрзаат конвергенцијата.

    „Сите сценарија, особено во клучните области економија, социјални политики и дигитализација, даваат јасна слика дека состојбите би се поместиле многу; дел од роковите буквално би се преполовиле доколку имаме полноправно членство или пристап до европските фондови“, нагласува Митевски.

    Во образованието, пак, сликата е шарена: вложувањето и резултатите на PISA се слаби, но има раст на запишани студенти; во здравството и дигитализацијата се гледа напредок, што покажува дека кога има јасна цел и мерлива политика – резултатите следат.

    Дека времето може значително да се скрати конкретно за да го достигнеме европскиот економски раст, оценува неодамна и гувернерот на Народната банка. Неговата теза е јасна: со одржлив раст од 5 до 6 проценти годишно, конвергенцијата со ЕУ може да се скрати од неколку децении на 20 години, под услов да се турнат структурните реформи и продуктивните инвестиции, во човечки капитал, технологија, образование, здравство и инфраструктура, бидејќи само повисоки стапки на раст навистина го затвораат јазот.

    Во интервјуто за Пари, универзитетскиот професор Борче Треновски оди подлабоко и ја поставува клучната дилема како прашање на издржливост: не дали, туку кога ќе обезбедиме стабилни пет проценти раст, бидејќи само таков континуитет се преточува во повисок животен стандард, подобра бизнис-клима и повисока благосостојба. Но да се одржи 5% во мала и отворена економија е тешко: зависни сме од странски инвеститори и од циклусите на нашиот главен трговски партнер, што бара диверзификација и во извозот и во пазарите.

    Треновски посочува и на внатрешните кочници што ја јадат базата за раст. Неформалната економија, проценета на околу една третина, ја искривува конкуренцијата, го поткопува буџетот и ја обезвреднува легалната иницијатива, ако се намали барем за една третина, растот би забрзал.

    „Институциите и владеењето на правото остануваат критично тесно грло: без правна сигурност, без конзистентни правила и без видлива борба со корупцијата, инвестициите се одложуваат, а потенцијалот се стеснува. Капиталните инвестиции, пак, се „крвна слика“ на системот, од планирање и јавни набавки до изведба, и кај нас предолго покажуваат хронична анемија. На сето тоа се надоврзува човечкиот капитал: образованието и здравството се нервниот систем на продуктивноста, а миграцијата ја празни базата токму кога ни треба најмногу квалификувана работна сила“, објасни Треновски.

    Во оваа мрежа од надворешни и внатрешни фактори, Европа не е само географија или политичка декларација, туку катализатор и мерка. Извештајот на ЗМАИ ја дава рамката, а Митевски ја сведува на суштината: бројката 56 не е печат, туку аларм да ги забрзаме реформите дома со продуктивност, дигитализација, паметни социјални трансфери и инфраструктура, и да ги искористиме европските механизми кога ќе имаме пристап до нив. Прашањето, на крај, не е дали можеме да стигнеме побрзо, туку дали ќе избереме да го направиме тоа сега, додека уште имаме време да ја скратиме генерациската математика.

    К.М.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично