ПОВЕЌЕ

    ТОЈОТА ПРЕД ЛУКСУЗНИТЕ АВТОМОБИЛИ: Популарен шампион на пазарот

    Време зa читање: 4 минути

    Во година кога V12 и карбонските детали повторно губат пред секојдневната доверба, највредниот автомобилски бренд на планетата не е луксузец туку општоприфатен бренд што со децении ја освојува улицата и умот: Тојота е авто-кралот на 2025, рангирана шеста глобално, со вредност од 74,2 милијарди долари и раст од 2% во однос на лани. Ова е официјално печатирано во годишната листа Best Global Brands на Interbrand, бенчмарк кој не ги реди брендовите по сјајот на салоните, туку по тоа колку брендовите реално носат бизнис и лојалност.

    Interbrand мери преку три столба: финансиска анализа на перформансите, „улога на брендот“, колкав дел од куповната одлука му припаѓа на самото име, а не на цената, технологијата или дистрибуцијата и „сила на брендот“, односно способноста да гради трајна лојалност и одржлива побарувачка во иднина. Овој триаголник е причината зошто токму масовна марка како „Тојота“ може убедливо да им парира на луксузните ѕверки: кога довербата е висока и конзистентна низ пазари, вредноста расте дури и без хипернасловни модели.

    Технолошките гиганти и годинава ја окупираа самата елита: „Епл“ повторно е број еден со околу 470 милијарди долари бренд-вредност, пред „Мајкрософт“ и „Амазон“, додека „Гугл“ и „Самсунг“ ја затвораат првата петорка. Но вистинската приказна за автомобилите се чита малку под врвот: веднаш зад ТОП-5 стои „Тојота“ како највреден авто-бренд, додека „Мерцедес-Бенц“ е десетти со 50,1 милијарди долари и двоцифрен пад на годишно ниво, а „БМВ“ четиринаесетто со 46,8 милијарди, исто така со пад во споредба со 2024.

    Најголемиот шок доаѓа од „Тесла“: бренд-вредноста се намали за 35%, со што марката се повлече на 25. позиција. Објаснувањето на аналитичарите и извештаите е јасно – конкуренцијата во електричните возила е поостра од кога било, од традиционалните производители до кинеските предизвикувачи, а обновата на моделската гама не чекори исто брзо како што расте понудата околу неа.

    Списокот за 2025 покажува и широка палета на авто и авто-поврзани имиња што и понатаму држат силни позиции меѓу највредните 100 глобални брендови: „Хонда“ и „Хјундаи“ остануваат веднаш под врвот на средината на табелата, „Ауди“ е околу педесеттото место, „Ферари“ се движи во средниот сегмент со препознатлива ексклузивност, а Фолксваген и Порше се раменици во истото маало на листата. Меѓу авто-поврзаните, Убер продолжува да расте, додека Ксиаоми со својата диверзификација, вклучително и електрифицирани амбиции се пробива кон повисоките редови, а „Нисан“ бележи сериозен пад на вредноста. Киа го штити местото меѓу топ 100, додека „Рејнџ Ровер“ со својот индивидуален идентитет ја заокружува присутноста на британската школа во премиум сегментот.

    Новата ѕвезда на годината е BYD единствениот нов авто-производител во клубот кој влезе директно на 90. место со вредност од 8,1 милијарди долари. Interbrand го нарекува најголемиот револуционер во авто-индустријата по Тесла, благодарение на светски конкурентни производи и агресивна експанзија надвор од азиската база, особено во Европа. Сликата е јасна: кинеските играчи веќе не се „доаѓачите“, туку фактор што ја прекројува картата на глобалната вредност.

    Интересно, зад кулисите на авто-движењата, големата слика за целата листа покажува дека вкупната вредност на најдобрите 100 брендови пораснала на 3,6 трилиони долари, што е 4,4% повеќе од лани — и покрај турбулентниот макроконтекст. Во таков амбиент, Interbrand зборува за „бренд-отпорност“ во секторите што се соочуваат со пренасочена побарувачка и нови конкурентски правила, а автомобилите се пример токму за тоа: брендовите што долго градат доверба, сервис и достапност се држат високо, додека оние што се потпираат само на иновациска аура добиваат коректив од пазарот.

    Сумирано, 2025 е година во која Тојота покажува дека највредната валута во автомобилскиот бизнис е стабилноста што луѓето ја препознаваат без оглед дали купуваат хечбек, SUV или хибрид; Мерцедес и БМВ потсетуваат дека премиумот останува силен, но не имун на циклуси; „Тесла“ учи дека пионерството мора да се надградува со свежина и широчина на понуда; а „BYD“ демонстрира колку брзо може да се издигне нов силен играч кога производот, цената и дистрибуцијата се заклучуваат во вистинскиот момент. Во ера кога тех-компаниите го диктираат врвот, автомобилските брендови што најдобро ја претвораат довербата во траен бизнис остануваат тие што најсилно го држат воланот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично