ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНЦИТЕ ОНЛАЈН ‒ Интернет користат за дружење, а не за купување

    Време зa читање: 5 минути

    Во земја каде што Интернетот е секојдневие, изгледа дека најчесто го користиме за разговор, а не за развој. Наместо да го користат Интернетот како алатка за раст и напредок, на Македонците најчесто им служи за разговори, видеоповици и следење социјални мрежи.

    Македонците се меѓу најактивните корисници на социјалните мрежи и видеоповици, но кога ќе дојде моментот да купат нешто онлајн, да направат банкарска трансакција или да продадат производ, ентузијазмот се губи.

    Дури 89,2 насто од активностите на македонските граѓани на интернет во 2024 година биле телефонски и видеоразговори, а 76,9 насто за активности на Фејсбук, Инстаграм, Тик-ток и слични социјални мрежи. Тоа е многу повеќе од европскиот просек, кој изнесува 75,3 насто за разговори и 64,9 насто за социјални мрежи.

    Со ова Македонците не се многу различни од граѓаните на другите земји од Западен Балкан, затоа што и тие го топат Интернетот со онлајн разговори и висат на социјални мрежи. Но, за разлика од Македонците, тие многу повеќе користат Интернет и за пребарување разни производи и услуги, за банкарство и за онлајн продажба.

    Последниот извештај на Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија за е-трговијата во Западен Балкан во 2024 година покажува дека само 54,2 насто од граѓаните во земјава користат Интернет за наоѓање производи и услуги, што е најниско во Регионот. Тоа значи и дека најмалку купуваат онлајн.

    Лидер во Западен Балкан е Србија, каде 76,3 насто од интернет-активностите на граѓаните отпаѓаат на истражување разни производи и услуги по веб-страниците. Висок е процентот и во Косово, дури 74,5 насто. Косовските граѓани, исто така, важат како едни од најголемите онлајн купувачи во Регионот, особено од странски продавници и платформи. Следуваат граѓаните во Федерацијата Босна и Херцеговина, каде процентот на интернет-активности за пребарување производи изнесува 70,3 насто. Овие држави се дури и над или блиску до просекот на ЕУ, кој изнесува 70,5 насто. Пред Македонија се и Црна Гора со 63,1 насто и Албанија со 61,9 насто.

    Македонија е на дното и според употребата на Интернет за онлајн продажба. За оваа намена граѓаните користат едвај 6,8 насто од претплатата на Интернет. Во другите држави, со исклучок на Црна Гора, овие бројки се повисоки. Води БиХ со 15,5 насто, а следат Косово со 10,7 насто, Албанија со 10,2 насто и Србија со 7,3 насто. Европскиот просек е 21,7 насто. Ова значи дека граѓаните се многу малку свесни за можностите што ги нуди Интернетот за онлајн продажба и отпочнување или развој на бизниси во оваа насока.

    Македонија заостанува зад Србија и според употребата на Интернетот за електронско банкарство. Само 32,8 насто од Интернетот се користи за оваа намена, а во Србија се користи 37,3 насто. Другите земји од Западен Балкан заостануваат зад Србија и Македонија. За разлика од балканскиот, европскиот просек изнесува 69,9 насто. Гледајќи ги овие бројки, може да резимираме дека Македонците сè уште преферираат да висат по шалтери во банки или во други јавни или приватни институции и да вршат плаќања на самото место наместо преку телефон или компјутер.

    Но, зависноста на граѓаните од социјални мрежи не значи и дека ги користат сите потенцијали на овие платформи, особено за правење бизнис и зголемено влијание и видливост на компаниите. Бројките за користењето на социјалните мрежи во Западен Балкан од страна на компаниите во извештајот на АЕТМ се за 2023 година и покажуваат дека само 49,7 насто од компаниите во Македонија користат некаква социјална мрежа. Лидер во Европа е Малта со 87,1 насто, а во Западен Балкан е Албанија со 66,8 насто.

    Споредено со земјите од Регионот, македонските компании водат според користењето на Фејсбук, Јутјуб и Гугл за рекламирање (69 насто). Високо котираат според користењето на Интернетот за интерна и екстерна комуникација (83 насто) и за извршување банкарски или финансиски трансакции (61 насто). Но, заостануваат во онлајн продажба, обезбедување финансиски поддршки и можности за веб-страница, складирање податоци, веб-апликации или други оперативни процеси.

    Затоа извештајот заклучува дека иако интернет-пенетрацијата во западнобалканските држави е висока, таа не е во функција на поттикнување поголем економски раст. За таа цел и граѓаните и компаниите треба да стекнат поголема дигитална писменост и да стигнат до многу повисоко ниво на користење на дигиталните алатки.

    Шесте земји од Западен Балкан во 2024 година имале вкупна популација од 17,1 милиони жители и вкупен БДП од 376,6 милијарди долари. Најголем БДП по жител, од 28.325 долари, имала Црна Гора. Следат Србија со 25.062 долари, Македонија со 21.304 долари, БиХ со 20.950 долари, Албанија со 19.496 долари и Косово со 14.971 долар.

    Употребата на Интернетот во овие земји континуирано расте. Во Македонија во 2018 година 79,24 насто од населението и компаниите користеле Интернет, а во 2023 година 85,3 насто. Најголем раст има во Албанија, од 62,62 насто во 2018 година на 83,1 насто во 2023 година, и во Црна Гора, од 71,52 насто во 2018 година на 88,36 насто во 2023 година.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично