Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, учествуваше на 24. Конференција на Македонска берза, каде што говореше за растечката глобална неизвесност и нејзините импликации врз малите и високо отворени економии, како што е македонската.
Тој истакна дека во постпандемискиот период трговската отвореност на нашата економија во просек достигна околу 150% од БДП, што ја зголемува чувствителноста на промени во надворешното опкружување. Според него, во моментов најизразени се неизвесностите поврзани со новите трговски политики на САД и потенцијалните реципрочни мерки од големите светски економии. Иако директната изложеност кон американскиот пазар е мала, индиректните ефекти преку намалување на побарувачката во ЕУ не се занемарливи. Дополнителна загриженост отвараат можните ефекти врз глобалната инфлација преку синџирите за снабдување и инфлациските очекувања.
„Трговските тензии се надоврзуваат на постојната неизвесност поврзана со геофрагментацијата, политичките нестабилности и состојбата во германската автомобилска индустрија. Дополнително, брзиот развој на технологијата и вештачката интелигенција, кои нудат огромни можности, истовремено можат да предизвикаат и зголемени ризици за монетарната политика во иднина. Во однос на одговорот на монетарната политика на ваквите предизвици, тој подвлече дека е неопходно одлучувањето да се темели на широк спектар на податоци и анализи, изготвување алтернативни сценарија и пред сè –посветеност на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс.
„Народната банка останува подготвена да одговори на евентуални непредвидливи предизвици, потпирајќи се на искуството од справувањето со екстерни шокови во минатото. Од суштинско значење е одржувањето на независноста на централната банка и кредибилитетот на нејзините политики. Солидното ниво на девизни резерви е гаранција за стабилноста на девизниот курс на националната валута”, истакна гувернерот.
Славески посочи дека Народната банка ќе продолжи да ги унапредува своите капацитети за справување со предизвиците и дека, иако сите неизвесности не можат да се отстранат, навремено поставување на вистинските прашања е клучно за пронаоѓање на појасна насока за иднината.
Обраќањето на гувернерот е достапно на следната врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-govor-na-guvernerot-d-r-trajko-slaveski-na-24-konferencija-na-makedonska-berza-25-27-septemvri-2025.nspx