Првата конференција „Бизнис лидер“ ги обединува највлијателните и најуспешните лидери и претприемачи од различни индустрии. Главната тема на ова значајно собирувалиште е „Обликување на иднината: Лидерство во ерата на трансформација“.
Во таа насока, Анета Коробкина зборува за тоа како лидерството денес мора да почне од самосвеста.
„Искрениот поглед кон своите силни и слаби страни е темелот на секое лидерство, затоа што само кога ќе се спознаеме себеси можеме вистински да водиме други“, вели Коробкина.
Потоа таа ја истакнува важноста на емоционалната интелигенција. „Како што вели Даниел Големан, токму таа е факторот кој прави 90 проценти од разликата меѓу добар и одличен лидер. Да се разберат и менаџираат емоциите, да се изгради врска и доверба – тоа е суштината на модерното лидерство“, објаснува Коробкина.
Таа нагласи дека лидерот мора да има визија и смисла, пренесени преку автентична комуникација. Кога личната мисија ќе се поврзе со организациската, тогаш се раѓа инспирација која ги движи сите напред.
„Споредено со старото лидерство, кое се темелеше на авторитет, потиснување на емоциите и затвореност, денешното ново лидерство значи автентичност, слушање, отвореност и приспособливост. Од IQ се движиме кон EQ и AQ – од интелектуална кон емоционална и адаптивна интелигенција. Од индивидуалецот се префрламе кон колективот. Исто така, од затвореност кон технологијата преминуваме во отвореност кон вештачката интелигенција – која мора да ја прифатиме и имплементираме, но истовремено да го развиваме и човечкиот фактор кој останува незаменлив“, потенцира Коробкина.
Пораката што таа ја испрати е дека парите се важни, но тие не се доволни, новото лидерство се мери со вредностите и со трагот што ќе го оставиме позади нас. Во центарот се луѓето и клиентите – она што се нудимора да биде вистински важно и потребно.
„Заклучокот е дека трендовите во светското лидерство се веќе јасни: од авторитет кон автентичност, од IQ кон EQ и AQ, од сто проценти човечки капитал кон човечки капитал засилен со вештачка интелигенција, и од индивидуата кон колективот“, сублимира Коробкина.
Како што нагласи таа на конференцијата, лидерството денес не е титула, туку одговорност и автентичен пат. Вистинскиот лидер е оној кој инспирира, поврзува и остава вредности што траат.