За секоја акција на Македонски телеком, акционерите ќе добијат по бруто 27,26 денари, а парите ќе почнат да им пристигнуваат на сметките од 25 месецов. Дивидендата од успешното минатогодишно работење, што ќе ја поделат, е во вкупен бруто износ од 2.382.421.058 денари или 38,7 милиони евра.
Во сумата се „вклучени сите даноци, каде што е применливо, и кои ќе бидат задржани и платени од бруто дивидендата согласно со важечката даночна регулатива во Република Северна Македонија на датумот на исплатата“, информираат од телекомуникацискиот оператор.
Право на дивиденда имаат акционерите евидентирани во акционерската книга на 11 јули. Податоците потребни за реализација на исплатата, акционерите – физички и правни лица, треба да ги достават до 10 септември.