„М-6 Еден“ е купувач и на големиот пакет од јавната берзанска аукција и на акциите на ВВ „Тиквеш“ од двете минатонеделни блок-трансакции. На тој начин Друштвото во сопственост стекнало 6,53 проценти од кавадаречката винарија.
„Известуваме дека акционерот Друштвото за инжинеринг и услуги М-6 ЕДЕН ДОО Скопје се стекна со 17.656 акции односно 6,53 % од вкупниот број обични акции издадени од ВВ-ТИКВЕШ АД-Кавадарци“, информираат од винарската визба преку ценовно чувствитечлната информација објавена на Македонска берза.
Пари веќе пишуваше дека во улогата на купувач, на аукцијата што се одржа минатата среда, се јавило семејството Јаневски. Или, бизнисменот Светозар Јаневски и децата. Тогаш, за 1,83 милиони евра беше продаден пакетот од 10.646 акции (3,94%), кој по 10.596 денари за акција го понуди Сава пензиско друштво во име и за сметка на ОЗПФ Сава пензиски фонд и ОДПФ Сава пензија плус.
Големиот пакет акции на „Тиквеш“ продаден за 1,83 милиони евра – Купувач е Јаневски?
Истиот ден ја пренесовме и берзанската информација за реализираната блок-транскација преку која беа купени 510 обични акции (0,19%) за 83 илјади евра, односно по 10 илјади денари за акција. А, ден претходно, и за блокот вреден 771,5 илјади евра – со 6.500 обични акции кои носат сопственост од 2,4 проценти. Овде цената за акција беше 7.300 денари.
Друштво за инжинеринг и услуги „М-6 Еден“ е во сопственост на Драгана, Кирило и Јане Јаневски. Управители се Светозар и Јане Јаневски.
Во текот на минатата деловна година, според податоците од Бизнис Мрежа, компанијата ги зголемила приходите за високи 924,5 насто. Од над 5.800 евра (2023) на близу 60 илјади евра. Сепак, 2024, како и претходните години ги завршила со загуба, која лани изнесувала 1,24 милиони евра. И, споредено со 2023 година, е продлабочена за 190,34 проценти. Всушност, „М-6 Еден“ остварило добивка (над 253 илјади евра) само во 2021 година.
Вработени нема, со исклучок на 2020 година, кога биле ангажирани две лица.
Што се однесува до кавадаречката винарија, чиишто производи освен на домашниот, се извезуваат и на странски пазари, минатата година приходувала 60,6 милиони евра, а имала профит од 4,5 милиони евра. Во првата половина од годинава приходите се 27,3 милиони евра, а добивката 2,2 милиони евра.
Инаку, најголем акционер или сопственик на „Тиквеш“ е М-6, компанија во која управители се исто така Светозар и Јане Јаневски. Акционерскиот капитал на винаријата се состои од 270.450 обични акции со номинална вредност од 51,13 евра.
За акции на „Тиквеш“ во блок-трансакција изброени 771 илјада евра