По реизборот на функцијата претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп постојано се соочува со обвинувања дека ја користи својата позиција за лично збогатување. Во последните години тој и неговото семејство склучија бројни зделки – од недвижности и акции, до обврзници и криптовалути. Според Законот за владина етика од 1978 година, кој беше донесен по скандалот Вотергејт, претседателите, потпретседателите и другите високи функционери се должни секоја година да ги објавуваат своите финансии пред Канцеларијата за владина етика (OGE), а документите се достапни за јавноста.
Најновите податоци на OGE откриваат дека Трамп извршил повеќе од дваесет финансиски трансакции и вложил над 600 милиони долари во корпоративни, комунални и државни обврзници од почетокот на 2025 година. Меѓу компаниите чии обврзници ги купил се „Ситигруп“, „Морган Стенли“, „Мета“, „Т-Мобајл САД“, „Хоум Депо“ и „ЈунајтедХелт“. Критичарите предупредуваат дека со тоа претседателот има директни интереси во сектори кои може да профитираат од неговите политички одлуки, што претставува потенцијален конфликт на интереси.
Кога станува збор за акции, според извештајот од крајот на 2024 година, Трамп имал удели во „Мајкрософт“, „Блекстоун“ и во сопствената компанија „Трамп Медиа енд Технолоџис Груп“. Исто така поседувал акции во технолошките и големи корпорации Amazon, Alphabet, Tesla, Berkshire Hathaway, PepsiCo, JP Morgan Chase, Coca-Cola и Pfizer. Најголемите индивидуални позиции биле во „Нвидија“, вредни меѓу 615.000 и 1,3 милиони долари, и „Епл“, со удели меѓу 650.000 и 1,35 милиони долари. Политиката и бизнисот често се испреплетуваат – Трамп прво целосно ѝ забрани на Nvidia да продава чипови во Кина, а потоа дозволи ограничен извоз под услов компанијата да отстапи дел од приходите на американската влада. Apple, пак, беше ослободен од новите царини за компјутерски чипови откако неговиот извршен директор Тим Кук вети нови инвестиции во САД во вредност од 100 милијарди долари. Веста веднаш ја зголеми вредноста на акциите на компанијата.
Традиционалниот бизнис со недвижности и натаму е важен дел од семејниот портфолио. По посетите на Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, започна изградбата на „Трамп Тауер“ во Џеда, луксузен комплекс на Црвеното Море, како и нови проекти во Катар и Дубаи, меѓу кои голф-терени и облакодери со рекордни димензии. Во меѓувреме, криптовалутите стануваат сè поважна инвестиција. „Форбс“ процени дека Трамп само во последните девет месеци заработил околу една милијарда долари од крипто-зделки, меѓу кои и од сопствениот „Трамп-Мим-Коин“. Неговата холдинг компанија најави вложувања од две милијарди долари во биткоин и други криптовалути, а самиот претседател сè повеќе се претставува како „крипто-претседател“.
Особено контроверзно за критичарите е тоа што Трамп, за разлика од претходните претседатели, одби да го префрли своето богатство во таканаречен „слеп фонд“. Наместо тоа, неговиот имот го управуваат неговите деца, пред сè Доналд Трамп помладиот, што остава речиси незабележлива граница меѓу приватниот бизнис и јавната функција. За споредба, Џими Картер ја префрли својата фарма за кикирики во слеп фонд, исто како и повеќето негови претходници и наследници во Белата куќа.
Новинарот Дејвид Киркпатрик во анализа за „Њујоркер“ пресмета дека Трамп, неговите деца и нивните сопружници од почетокот на првиот мандат заработиле повеќе од 3,4 милијарди долари – зделки кои, како што вели, речиси сигурно немало да се случат доколку Трамп останеше само бизнисмен. Киркпатрик потсетува дека претходните претседатели најчесто заработуваа преку договори за книги или хонорари за јавни говори, но тие износи биле занемарливи во споредба со семејниот бизнис на Трамп.
Иако Трамп и неговото семејство негираат дека профитираат од политиката, факт е дека според „Форбс“ неговото богатство моментално изнесува 5,5 милијарди долари, што го прави побогат од кога било досега.