ПОВЕЌЕ

    ИСКОРИСТЕНИ 68 ОТСТО ОД УНГАРСКИОТ ЗАЕМ: За бизнисот нова транша од 11,3 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Домашните компании ќе имаат на располагање уште 11,3 милиони евра. Министерството за финансии ја исплати петтата транша од унгарскиот кредит кон Развојната банка. Со тоа, средствата наменети за бизнисот достигнаа 171,1 милион евра. Досега се искористени 68 отсто од кредитната линија, чиј вкупен износ е 250 милиони евра.

    „Министерството за финансии исплати нова петта транша во износ од 700,9 милиони денари или 11,3 милиони евра кон Развојната банка, средства кои се наменети за поддршка на домашните компании.

    Средствата се трансферирани од Буџетот врз основа на доставено барање од Развојната банка, а по одобрување на проектите од страна на деловните банки“, соопштија од Министерството за финансии.

    Од Финансии потсетуваат дека средствата за поддршка на домашната економија беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка, со цел да се пласираат по поволни услови за реализација на инвестиции во приватниот сектор.

    „Во Буџетот за 2025 година за поддршка на домашната економија и домашните компании се проектирани вкупно 250 милиони евра. Досега се префрлени кон домашните компании пет транши во вкупен износ 171,1 милион евра“, наведено е во соопштението, при што се додава дека досега искористеноста на оваа кредитна линија од страна на домашните компании е 68 проценти.

    Овој заем, иако поттикна бројни реакции, се цени како значаен за домашните компании, токму поради условите предвидени за користење на тие средства. Рокот на отплата е до 15 години (со вклучен грејс-период од три години). Притоа, се пресметува фиксната каматна стапка од 1,95 проценти. За бизнисите е важно што оваа кредитна линијата обезбедува долгорочен и евтин капитал за модернизација на капацитети, за енергетска ефикасност и за проширување на производството. Инвестиции што тешко можат да се финансираат со класичните пазарни кредити во услови кога опцијата е каматна стапка од близу пет проценти.

    На овој начин досега се финансирани 584 проекти, кои опфаќаат градежни зафати, набавка на опрема, на транспортни средства, а се насочуваат и кон обновливите извори на енергија. Најголем дел од средствата завршуваат кај малите компании, а поддршка добиваат и микро, средните и големите претпријатија во чиј фокус е производството.

    Исходот ќе зависи од квалитетот на проектите кои се финансираат со унгарски пари. Впрочем, експертите уште од почетокот укажуваат на лошата страна од овој кредит. Пред сѐ, посочуваат на баластот што се стави врз државниот буџет. Бизнисите се финансираат со поволна камата од 1,95 проценти, но од државната каса се намируваат останатите 1,35 проценти кон Експорт-импорт банката. Освен тоа, се укажува(ше) и на ризикот што го презеде државата, да се раздолжи во име на фирмите кои нема да успеат во овој потфат. Односно, да ги намират и покријат лошите кредити.

    Поради тоа, постојано се нагласува дека клучот е во проектите со кои се аплицира за кредитот. Нивниот квалитет ја предодредува ефикасноста при користењето на парите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично