Јапонскиот автомобилски гигант „Тојота“ соопшти дека очекува финансиски удар од околу 10 милијарди долари како последица од американските царини наметнати од страна на претседателот Доналд Трамп. Станува збор за досега највисока проценка од ваков вид, изнесена од која било компанија.
Производителот на автомобили ја намали својата прогноза за оперативна добивка за финансиската година што завршува во март 2026 година, на 3,2 трилиони јени (околу 21,7 милијарди долари), што е пад од 16% во однос на претходната проценка од 3,8 трилиони јени. Овој потег ги одразува предизвиците со кои се соочуваат глобалните производители на автомобили поради зголемените трошоци за автомобили, делови, челик и алуминиум наметнати од САД.
„Искрено, многу ни е тешко да предвидиме што ќе се случува со пазарната ситуација“, изјави Таканори Азума, раководител на финансискиот оддел во „Тојота“, на брифинг со новинарите. Тој додаде дека компанијата останува посветена на снабдување на американските потрошувачи, без оглед на влијанието на царините.
Проценката на загубите од 1,4 трилиони јени (околу 9,5 милијарди долари) вклучува и индиректни последици врз добавувачите, особено оние во САД што увезуваат делови од Јапонија. Азума одби да прецизира колку од вкупната сума се однесува на ова.
За споредба, другите автомобилски производители досега објавија значително пониски проценки: GM проектира загуби од 4 до 5 милијарди долари, додека Ford очекува пад на бруто приходите за околу 3 милијарди долари. „Стелантис“, производителот на џипови, проценува дека царините ќе му додадат околу 1,7 милијарди долари трошоци за годината.
Претходно, „Тојота“ објави дека во месеците април и мај 2025 година, влијанието од царините врз нејзините возила изнесувало околу 180 милијарди јени, но ова беше првата објава со годишна проекција.
Во првиот квартал од финансиската година, северноамериканскиот сегмент на компанијата забележа оперативна загуба од 63,6 милијарди јени, во споредба со профит од 100,7 милијарди јени во истиот период минатата година. Компанијата претрпе директен удар од 450 милијарди јени поради царините.
Широката производствена мрежа на „Тојота“ во Северна Америка – вклучувајќи фабрики во САД, Канада, Мексико и Јапонија – ја прави особено изложена на трговските бариери, не само за директниот извоз туку и за прекугранично движење на возила и делови.
Во првите шест месеци од 2025 година, компанијата произведе околу 1,1 милион возила од брендовите „Тојота“ и „Лексус“ во Северна Америка, од кои над 700.000 во САД.
Во обид да обезбеди стабилност, Јапонија и САД неодамна постигнаа трговски договор со кој се предвидува намалување на американската царина за увоз на јапонски автомобили од 27,5% на 15%. Меѓутоа, сè уште не е утврдено кога точно ќе стапат на сила овие промени.
Покрај предизвиците, „Тојота“ забележа рекордно глобално производство и продажба во првата половина од 2025 година, поттикнати од силната побарувачка за хибридни возила во Северна Америка, Јапонија и Кина.
Компанијата исто така најави план за изградба на нова фабрика за возила во Јапонија, иако не е одлучено кои модели ќе се произведуваат таму. Почетокот на работењето се очекува на почетокот од следната деценија.
По објавувањето на финансискиот извештај, акциите на „Тојота“ паднаа за 1,5%.