Читајте квалитетна содржина на порталот ПАРИ – таму каде што информацијата вреди
На чекор до една милијарда е приходот што минатата година е изѕидан во дејноста со шифра 41 ‒ Изградба на станбени и нестанбени згради. Конкретно, активностите во овој градежен сегмент резултирале со приливи од вкупно 61.049.895.936 денари или 992,7 милиони евра. Тоа го позиционира градежништвото меѓу највредните сектори во земјава, кој и покрај кризите и неизвесноста, продолжува да привлекува крупни инвестиции, како и силна конкуренција меѓу домашните и компаниите со странски капитал.
Од сите градежници во овој сектор, првите 10 создале една третина од вкупниот приход. Нивните заеднички лански приливи се во износ од 329 милиони евра! Според растот од 59,7 насто, очигледно е дека за нив 2024 била плодна година. Преклани приходот изнесувал над 206 милиони евра.
Кој е кој во овој бизнис – анализира Пари врз основа на податоците од базата на Бизнис Мрежа.
ФИРМАТА НА ПРИТВОРЕНИОТ КРМЗОВ И ЛАНИ И ПРЕКЛАНИ Е СО НАЈГОЛЕМ ПРИХОД
Исто како и во 2023, така и во 2024 година, најголем приход остварил Крмзов-МР ДООЕЛ Струмица. Друштвото за градежништво, производство, трговија и услуги инкасирало над 62 милиони евра. Притоа, струмичката компанија бележи стабилен годишен раст од 6,7 насто во однос на 2023 година. Од аспект на бројките, и натаму е водечки играч на домашниот пазар во чиј фокус е изградбата на станбени објекти. Сопственик на најдоходовната фирма е бизнисменот Ристо Крмзов, кој во моментов издржува 30-дневен притвор. Со уште 22 осомничени струмичани се товари дека од 2019 до 2024 година со лажни договори за купопродажба на имот и со други малверзации ја оштетил државата за 94,3 милиони евра. Затоа сметката на оваа компанија е блокирана.
Второрангираниот според износот, Турмак градежништво, индустрија и трговија ‒ Акционерско друштво Истанбул Р Турција ‒ Главна подружница во Скопје РС Македонија, е убедливо прв по експлозивниот раст од близу 336 насто. Преклани, оваа фирма, која произлегува од Џевахир холдинг, со остварените 14 милиони евра била позиционирана при крајот од листата на топ 10. Лани работите тргнале на добро и приливите достигнале 61,1 милион евра. И за оваа фирма со турски капитал има мала пикантерија: Турмак е потписник на договорот за закуп на двата стана во Џевахир скај сити, кои се во функција на кабинетот на поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, кој е во кумовска врска со семејството Џевахир.
Следува Лимак ДОО Скопје. Подружницата на големата турска корпорација во 2024 година остварила приход од 36,2 милиони евра. Со тоа е означен раст од над 23 насто во однос на 2023 година. Лимак е активен чинител во високоградбата и веќе неколку години реализира големи комерцијални и станбени проекти во главниот град. Познат е по комплексот Diamond of Skopje, кој зафаќа површина од 325 илјади метри квадратни, во чиј состав се четири висококатници со 772 станови. Исто така, за компанијата се слушна и од станарите, кои освен за пропустите во изградбата, гласно го изразуваа својот револт и поради тоа што немаа имотни листови. Првите официјални документи за сопственоста беа издадени пред крајот на 2024 година, речиси две години по вселувањето на првите жители.
Со раст поголем од 24 насто и со приходи од 28,2 милиони евра, Стентон градба од Битола потврдува дека градежниот бум не е привилегија само за главниот град на државата. Компанијата е активна во изградба на деловни, станбени и индустриски објекти во југозападниот регион. Во јавноста е на глас по бројните тендери што ги добива, а за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за фирма блиска до СДСМ.
Јавните набавки се својствени и за струмичкото друштво со ограничена одговорност на едно лице – Жикол. Градежната фирма со повеќедецениска традиција, минатата година регистрирала благ пад на приходите и е единствената на листата на топ 10 со запишан предзнак минус кај годишната промена. Сепак, имала приход од 27,7 милиони евра.
Извор: Бизнис Мрежа
БЕЛГРАДСКА ФИРМА ‒ НОВ ИГРАЧ НА ПАЗАРОТ
Енергогроуп ДОО Белград, подружница Скопје, во Македонија е присутна од април минатата година и за само девет месеци работа обезбеди значителни приходи, со кои се вбројува меѓу десетте најуспешни. Компанијата има силен дебитантски настап со остварените 26,9 милиони евра. Српската компанија со седиште во Белград работи во градежната област по принципот клуч на рака. Како главен изведувач, Енергогроуп учествува во целиот циклус на проектот ‒ планирај–направи–провери–дејствувај, пишува на нивната веб-страница.
И кумановскиот градежник го има низ Македонија. Рапид билд гради на североистокот од земјава, во Скопје… Со сета таа активност, компанијата лани забележала скромен раст од 4,6 насто и износ на приходната страна од 23,5 милиони евра. Инаку, Рапид билд на почеткот од годинава ја доби работата за изградба на гасоводот од Гевгелија до Неготино, односно на поврзувањето со Грција.
Фирмата е скопска, а својот градежен печат го остава и низ градовите во земјава. Во текот на 2024 година, Специјал градба одработил речиси тројно зголемување на приходите, од 8,7 милиони на 21,5 милиони евра. И во најдобрата десетка овој градежник е трет според процентуалниот раст од 146 насто.
Голден арт исто така има адреса во Скопје. Постои речиси две децении, а последниве години е силно присутна на пазарот на станбена изградба во главниот град. Преклани ги удри темелите на проектот Треска, на местото на некогашната скопска фабрика за мебел. Компанијата лани имала приход од 21 милион евра, што е солиден годишен раст од 56,6 насто.
Со потписот на тетовскиот АК Инвест ДООЕЛ се повеќе илјади објекти низ Македонија: станови во Ист Гејт, зградата Алумина, станбени објекти во Тетово, Македонско село, фабрики, хидроцентрали… Минатата година, со приходите има направено скок од 161,8 насто ‒ од 7,7 милиони во 2023 година, на 20,1 милион евра на крајот од 2024 година.
Приходите на овие десет компании, но и на целиот сектор говорат дека за градежниците има работа. Недостига хуманата димензија на објектите, особено на тие за домување. Бетонот го задуши зеленилото.
Продолжува утре…
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска