Државниот завод за ревизија е транспарентен во работењето и постојано се подобрува, е основна оцена произлезена од стручната проверка (Peer Review) направена од Врховната канцеларија за ревизија на Полска – НИК. Завршниот состанок, на кој биле изнесени резултатите се одржал во просториите на ДЗР.
Тимот од НИК го презентираше финалниот извештај од процесот, во кој се опфатени клучните наоди и препораки за натамошно унапредување на работата на Државниот завод за ревизија. Притоа, во извештајот се посочува дека ДЗР демонстрира високо ниво на стратешко управување и усогласеност со меѓународните ревизорски стандарди.
„Вие сте институција што го трасира патот кон европските стандарди. Вашата посветеност кон квалитетот, транспарентноста и континуираното подобрување е инспирација и за нас, како ваши колеги“, нагласено е од претставниците на НИК, со признание за отвореноста на ДЗР кон стручна критика и неговата волја за унапредување.
Главниот државен ревизор, Максим Ацевски, го оцени процесот како особено значаен за институционалниот развој на ДЗР и им се заблагодари на полските експерти за нивниот професионален и објективен пристап.
„Овој извештај за нас не е само проценка, туку вистинска мапа за иднината. Секоја забелешка ја гледаме како можност за раст, секоја препорака како насока за развој“, рече Ацевски.
Во извештајот е упатена и јасна препорака за конечно обезбедување на уставна и финансиска независност на ДЗР, како основа за неговото натамошно јакнење.