Акционерите што во сопственост имаат обични акции издадени од Стопанска банка Скопје ќе поделат дивиденда во бруто износ од 3.998.381.220 денари или 65 милиони евра. За приоритетните акции се определени вкупно 1.364.664 денари, односно над 22 илјади евра. Притоа, утврдено е дека обичната акција носи дивиденда од 229, а приоритетната од шест денари. Овие износи се потврдени од акционерите присутни на Собранието што се одржа на крајот од мај.
Како што се наведува, основицата за пресметка на дивидендата врз база на приоритетните акции е 90.977.600 денари (1, 5 милиони евра). Издадени се 227.444 приоритетни акции со номинална вредност од 400 денари по акција.
Дивидендниот календар е ист за сопствениците на двата вида акции. Пресекот на акционерската книга ќе се направи на 16 јуни и сите заведени лица на тој датум го имаат правото за исплата на дивиденда. Последен ден на тргување што овозможува исплата на дивиденда е 12 јуни.
Исплатата на дивиденда за обичните акции ќе стартува на 10 јули. А, за приоритетните акции ќе биде исплатена најмногу 30 дена од датумот на усвојувањето, односно до крајот на јуни.