Април донесе видливо зголемување на активностите на Македонска берза, и покрај падот на основниот МБИ10 индекс и благото намалување на пазарната капитализација. Фокусот на инвеститорите е насочен кон банкарските и кон акциите на компаниите со стабилен раст, односно нема значителни промени кај петте најтргувани хартии од вредност. Со нив е направен промет од 6,3 милиони евра, што претставува 47,01 отсто од вкупниот априлски промет, кој достигнал 822.465.156 денари или 13,4 милиони евра.
Најмногу пари се вложени во акциите на Комерцијална банка, во износ од 165.111.919 денари (2.682.227 евра), со учество во промет од 39,94%. Преку 630 трансакции извршена е купопродажба на 5.807 акции, по просечна цена од 28.433,26 денари. А, вредноста на акцијата се движела во распон од 26.965 до 29.500 денари.
Вообичаено, следуваат акциите на најголемата фармацевтска компанија. Во 5.883 акции на Алкалоид се инвестирани 158.684.610 денари или 2.575.668 евра, со што во вкупниот промет зафаќаат 38,39%. Оваа акција во април се тргувала од минималните 25.210 до максималните 28.249 денари, а просечната цена е 26.973,42 денари. Забележани се 456 трансакции.
Уделот на Макпетрол во берзанскиот промет е 7,52%. Истргувани се 300 акции, со просечна вредност од 103.680,48 денари (минимална 97.970, максимална 106.500 денари). Во реализираните 107 трансакции направен е промет од 31.104.145 денари, односно 504.973 евра.
На топ 5 листата се и две акции издадени од банките кои се дел од големата тројка.
Акцијата на НЛБ банка оствари промет од 17.950.714 денари (291.524 евра). Партиципира со 4,34% во вкупниот промет. Извршена е купопродажба на 310 акции во 70 трансакции, со просечна цена од 57.905,53 денари и движења од 55.000 до 61.800 денари.
Преку 91 трансакција, минатиот месец биле истргувани 5.904 акции со знакот на Стопанска банка Скопје. Прометот е 14.896.165 денари (241.882 евра), а уделот – 3,60%. Акцијата се тргувала по просечна цена од 2.523,06 денари, додека најниската вредност била 2.300, а највисоката 2.749 денари.
Податоците од месечниот билтен на Македонска берза покажуваат дека вкупниот промет се зголемил за 85,62 проценти во однос на март, а бројот на трансакциите (1.617) има раст од 4,12%. Сепак, пазарната капитализација бележи пад од 0,68%, па на крајот од април изнесувала 355.373.415.749 денари или близу 5,8 милијарди евра, што, пак, упатува на притисок врз вреднувањето на дел од најтргуваните компании. Индексот МБИ10, кој ги следи најликвидните акции, исто така бележи пад од 1,72%, и е позициониран на 10.377,27 поени.
Во структурата на прометот евидентен е месечниот скок кај блок-трансакциите, од 1748,54%. Или, од мартовските 21.352.500 денари (347,2 илјади евра) на 394.708.475 денари, односно 6,4 милиони евра. Класичното тргување со акции и обврзници бележи умерен пораст: кај акциите за минимални 0,12%, додека кај обврзниците за 116,92%.