Акционерите на Оилко КДА ќе поделат дивиденда од 2,3 милиони евра, која ќе се пресметува по бруто 600 денари за акција. Средствата се издвојуваат од ланската и од акумулираната добивка од 2023 година, во вкупен износ од 6,2 милиони евра. Исплатата ќе се изврши во законскиот рок до 30 септември. Предложените одлуки се на дневниот ред од акционерското Собрание, закажано за 21 мај.
Добивката за 2024 година е во износ од 202.768.252 денари (3,3 милиони евра), а акумулираната добивка од 2023 е 182.056.058 денари (2,9 милиони евра). Во нивната распределба, освен за дививенда, дел од парите се насочуваат и кон вработените. Тие ќе добијат 244 илјади евра. За управителот е определена исплата на над 28 илјади евра. Во задолжителната општа резерва ќе завршат 164,8 илјади евра, во посебните резерви за стекнување сопствени акции со откуп – 3,5 милиони евра.
Во тие рамки е и предлог-одлуката за стекнување сопствени акции со откуп. Со неа се одобрува купување сопствени акции до висина од една десетина од основната главнина на душтвото. И тоа, по најниска вредност за акција од 3.000 денари, а по највисока од 6.000 денари. Купувањето ќе се реализира во период од една година по усвојувањето на одлуката. Овие акции понатаму ќе можат да се отуѓуваат, но не под нивната номинална вредност од 6.000 денари за акција.