Контра-мерките со кои Европската комисија ќе одговори на американските царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум ќе стартуваат на 1 април, соопшти шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Се очекува тие да изнесуваат околу 26 милијарди евра. „Длабоко жалиме за оваа мерка“, рече фон дер Лајен во изјавата за американските царини, откако Брисел најави дека ќе „покрене серија контрамерки“ како одговор на „неоправданите трговски ограничувања“.
Комисијата соопшти дека производите од челик и алуминиум ќе бидат погодени со царини за возврат, но и текстил, кожни производи, апарати за домаќинство, куќен алат пластика и дрво. Ќе бидат погодени и земјоделските производи – вклучувајќи живина, говедско месо, некои морски плодови, јаткасти плодови, јајца, шеќер и зеленчук.
„Секогаш ќе останеме отворени за преговори. Ние цврсто веруваме дека во свет полн со геополитички и економски несигурности, не е во наш заеднички интерес да ги оптоваруваме нашите економии со царини“, рече фон дер Лајен.
„Царините се даноци. Тие се лоши за бизнисот, а уште полоши за потрошувачите. Овие тарифи ги нарушуваат синџирите на снабдување. Тие носат несигурност за економијата“, рече таа.
Фон дер Лајен процени дека американските царии се во вредност од 28 милијарди долари и одговорот на Европската унија ќе влијае на истиот износ на американски производи.
Царините од 25 отсто кои американскиот претседател Доналд Трамп ги наметна за увоз на челик и алуминиум стапија на сила во средата во 04:01 по Гринич и означуваат нова фаза во трговската војна меѓу Соединетите држави и нивните главни трговски партнери.
Вашингтон го оформи овој потег како обид да ги заштити американскиот челик и американските работници бидејќи секторот опаѓа и се соочува со жестока конкуренција во странство, особено од Азија.
Најновите давачки ќе влијаат на Австралија, Канада, ЕУ, Јапонија и Кина, како и Бразил и Мексико и покрај последните обиди на некои да добијат исклучоци.
Владата на Обединетото Кралство во средата рече дека глобалните американски царини за челик и алуминиум се „разочарувачки“, но не возврати, велејќи дека сака да преговара за поширок економски договор со Вашингтон.
Ова не е прв пат Трамп да воведува царини за металите. За време на неговото прво претседателство, тој воведе давачки за извозот на челик и алуминиум во 2018 година – принудувајќи ја ЕУ да одговори со свои повисоки давачки кои се замрзнати до крајот на март.
Како дел од двостраниот пристап на ЕУ кон акциите на Трамп, фон дер Лајен рече дека Брисел, исто така, ќе дозволи претходната суспензија да се повтори откако ќе истече.
„За прв пат, овие мерки за ребаланс ќе бидат имплементирани во целост. Ќе се применуваат тарифи за производи кои се движат од чамци до бурбон до мотори“, соопшти комисијата.
Фон дер Лејен рече дека, сепак, ЕУ е „подготвена да се вклучи во значаен дијалог. Му доверив на комесарот за трговија Марош Шефчовиќ да ги продолжи разговорите за истражување на подобри решенија со САД“.
Шефчовиќ претходно оваа недела рече дека Соединетите Држави не се „ангажирале“ со ЕУ, но европските претставници веруваат дека заканата за одмазда ќе биде демонстрација на сила што ќе ја врати американската администрација на маса.
Комисијата во среда започна постапка за изрекување на контрамерките.
Првиот чекор ќе биде „двонеделна консултација со засегнатите страни“ за да се осигури дека се насочени „вистинските производи“ и одговорот „со кој нарушувањето на бизнисите и потрошувачите во ЕУ ќе се сведе на минимум“.
Контрамерките на ЕУ ќе бидат целосно во сила до средината на април, освен ако Трамп не го смени курсот.
(Фото: Нејшнл Хог Фармер)