ПОВЕЌЕ

    ЕВРОТО НАЈСЛАБО ОД 2022, ЕВРОПСКИТЕ БЕРЗИ ВО ЦРВЕНО: Потезите на Трамп го зголемија стравот од трговска војна

    Време зa читање: 3 минути

    Почетокот на неделата еврото го дочека видно ослабнато поради зголемената загриженост поради ескалацијата на трговскиот спор меѓу САД и неколку други земји. Курсот се намали во текот на ноќта на 1,0141 долари, што е најниско ниво од ноември 2022 година, пред малку да се опорави на 1,0245 долари во понеделник наутро – сè уште повеќе од 1 цент под вредноста во петокот навечер.

    Еврото е под притисок по изборот на Доналд Трамп за американски претседател на почетокот на ноември, кога се тргуваше над 1,09 долари.

    Американските тарифи од 25 отсто за увозот од Мексико и Канада, иако само 10 отсто за извозот на енергија од Канада и 10 отсто за целиот кинески увоз треба да стапат на сила во вторник, откако Трамп ги нареди мерките во саботата.

    Кога Трамп во петокот беше прашан дали ќе тргне по производи увезени од ЕУ, тој одговори: „Апсолутно“.

    Откако Вашингтон воведе царини за увоз од Канада, Мексико и Кина, а исто така ѝ се закани на Европската унија, цените на акциите на европските берзи утринава остро паднаа бидејќи инвеститорите стравуваат од трговска војна. Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9:30 часот беше во минус за 1,3 отсто, лизгајќи се од рекордното високо ниво.

    Лондонскиот FTSE индекс се намали за 1,17 отсто, на 8.570 поени, додека франкфуртски DAX потона за 1,98 отсто, на 21.300 поени, а париски CAC 1,94 отсто, на 7.795 поени.

    Најмногу утринава паднаа цените на акциите во автомобилскиот сектор, во просек за околу 4 отсто, додека технолошкиот, индустрискиот и рударскиот сектор паднаа за повеќе од 2 отсто.

    Цените на акциите драстично паднаа и на азиските берзи. Јапонскиот индекс Никеи во 9:30 часот беше намален за 2,7 отсто, додека цените на акциите во Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,2 и 2,5 отсто.

    Кинеските берзи се уште се затворени поради прославата на Лунарната Нова Година.

    Остриот пад на цените на акциите е последица на одлуката на американскиот претседател да воведе царини. По долгогодишните закани, Трамп во текот на викендот потпиша извршна наредба за воведување царини од 25 отсто за увоз на стоки од Мексико и Канада и 10 отсто за кинески производи. Оваа одлука ќе се применува од вторник.

    Сите три земји веднаш најавија контрамерки, поради што инвеститорите стравуваат од трговска војна.

    (Фото: ЕПА)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично