Се засилува акционерскиот капацитет на „Скопски пазар“ во „Македонијатурист“. Од хотелско-угостителската компанија известуваат за промени во сопственоста и кај најголемиот акционер и кај „М.Г. Фешн“.
Со купувањето нови хартии од вредност „Скопски пазар“ од 19,76 го зголеми уделот на 19,86 отсто, па сега, односно засега, поседува 89.814 акции.
„Согласно член 38 став 2 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Скопски пазар акционерско друштво за услуги во прометот и трговијата увоз-извоз Скопје купи дополнителни 450 акции и сега поседува 89.814 акции односно 19,86% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“, пишува во објавата споделена преку Македонска берза.
Податокот за бројот на купените акции се совпаѓа со блок-трансакцијата реализирана на 23 месецов. Тогаш за оваа количина биле платени 4.725.000 денари или близу 77 илјади евра. По цена за акција од 10.500 денари.
Што се однесува до информацијата за „М.Г. Фешн“, во неа е наведено дека овој акционер се стекнал со дополнителни 233 акции, кои му обезбедуваат 11,31 процент:
„Известуваме дека акционерот Друштво за трговија, производство и услуги М.Г. Фешн доо увоз-извоз Скопје купи дополнителни 233 акции и сега поседува 51.145 акции односно 11,31% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“.
Според последната дневна официјална листа со датум од 28 јануари, просечната цена за акција е 10.600 денари. Износ забележан и во тргувањето на официјалниот пазар – 20 акции со промет од 212.000 денари (околу 3.500 евра); и во блок-трансакција – за 331 акција платени се 3.508.600 денари (57 илјади евра).