Помошта што ја дава македонската влада на странските фирми кои инвестираат во државава е несразмерно поголема од помошта кон домашните, вели првиот човек на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“. Тој најави дека е добро што 250 – те милиони од унгарскиот кредит кои се наменети за стопанството ќе завршат само кај домашните компании, а не и кај оние кои се во Технолошко индустриските развојни зони, односно кои се странски. Тој истакна дека е за поздравување секоја компанија која ќе отвори ново работно место, но потсети дека огромен дел од вработените во државава се во домашните фирми.
„Од одредени показатели кои постојат, имате една ваква слика. Домашните и странските компании земаат отприлика по 50 проценти од помошта и останатите земаат 50 проценти. Во странските компании некаде вработуваат 17 – 18 илјади вработени, а сите останати 500 и нешто илјади се вработени во домашниот сектор. Значи, по тој основ, домашните компании примаат далеку помала помош од државата за разлика од странските компании. Така што, по многу параметри домашните компании се уште не дошле на она ниво да бидат рамноправни во сопствената земја со овие компании кои доаѓаат од странство. Ние ги почитуваме сите компании кои отвориле барем едно работно место, меѓутоа мора да не сфатите од еден аспект дека во сопствената држава кога ќе бидете во една подредена позиција, навистина не е пријатно.“
Премиерата е во четврток, во 12.00 часот на пладне, а потоа кога сакате може да не гледате на нашиот Јутјуб канал кој ќе го најдете ако во пребарување на кирилица напишете пари. Ќе ви се појавиме и тие сме.
Секако, секоја содржина што ја подготвуваме за вас е бесплатна, но затоа многу ни значи ако притиснете „сабскрајб“ и почнете да не следите. Секое добро, и се гледаме премиерно секој четврток или кога и вие да посакате потоа.