Рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавата истекува во понеделник (25 ноември), но досега на обврската одговориле само 8,31 отсто од даночните обврзници. Или, во УЈП пристигнале само 615 од очекуваните 7.399 ДДВ пријави. Ова покажува дека значителен број на обврзници сè уште не ја исполниле својата законска обврска, па од Управата за јавни приходи потсетуваат и предупредуваат дека пробивањето на законските термини повлекува казни и дополнителни финансиски трошоци.
„Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители и навремено да ги поднесат ДДВ-04 пријавите за изминатиот даночен период. Крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавата е 25-ти ноември 2024 година (понеделник)“, се вели во соопштението.
Притоа се додава дека навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата е од исклучителна важност за правилното усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на бизнисите и за развојот на економијата.