Приходите повисоки за 110, добивката за 347 проценти. Добро му одела работата на Скопски пазар во деветте месеци од годинава, во кои и трошоците нараснале, но споредено со претходните, за ниски осум проценти.
Преку бројки, 550.030.000 денари, односно 8,94 милиони евра се вкупните приходи што компанијата ги остварила од јануари па заклучно со септември. Расходите забележани во тој период се 198.015.000 денари, што е противвредност на 3,21 милион евра. Како што е веќе наведено, резултатите од ланските девет месеци се натфрлени за 110, односно за осум проценти.
Профитот, пак, е во износ од 352.015.000 денари (5,72 милиони евра), што преставува зголемување од 347% во однос на истиот период од минатата година.
Скопски пазар заработува од издавање деловен простор. Под негово управување се 12 зелени пазари, на кои, според нивната веб-страница, се лоцирани околу 2.700 тезги, односно продажни места. Воедно, располага со деловен простор од околу 58 илјади метри квадратни, исто така наменет за издавање.
Во објектите со кои располага компанијата се инвестира и целосниот износ на минатогодишната добивка од 1,95 милиони евра.