ПОВЕЌЕ

    Македонија не треба да брза со глобалниот данок – Павле Гацов во „Каде се парите?“

    Време зa читање: 7 минути

    Македонија треба внимателно да постапува во однос на глобалниот данок, чекор по чекор. Треба да бидеме последни во примената, бидејќи сме економски најслаби и треба да се развиваме. Во овој период инвеститорите ги привлековме со ниската цена на работната сила и ниските даноци, а сега едната од алатките ни ја одземаат. Затоа, во иднина треба да се позиционираме на компании со годишни приходи под 750 милиони евра, кои не се опфатени со глобалниот данок, е препорака од даночниот експерт Павле Гацов, дадена во гостувањето на поткастот „Каде се парите?“.

    Со ниските даноци малите земји како Македонија се обидуваат да постигнат предност и да ги привлечат странските инвеститори, а големите земји воочија дека тоа за нив значи одлив на капитал, на можности, пазари итн. И, се обидуваат да ја оневозможат таа предност, вели Гацов.

    „Во таков контекст од први јануари 2024 година воведоа т.н. глобален данок и го позиционираа на најниска стапка од 15 проценти. Интересно е бидејќи моќните тоа го воведуваат, а веќе 140-150 земји го прифаќаат ваквиот данок, меѓу нив и Македонија, бидејќи генерално, игра по правилата на големите, иако тоа не ни оди во прилог. Ние немаме мултинационални компании, па да прибираме даноци од други дестинации. Очигледно, тоа ќе ги погоди неколкуте големи компании што се во Македонија, генерално стационирани во ТИРЗ-овите. Значи, се работи за данок кој државата на матичната компанија бара таа да го плати, доколку не го платила во земјата каде што вложила. Во превод, ако во Македонија платите десет проценти данок на добивка, остатокот од пет проценти да се доплати, да речеме, ако е инвеститорот британски, во Велика Британија“, појаснува Гацов.

    Во светот има околу осум и пол илјади мултинационални компании, а во Македонија овој данок ќе засегне најмногу пет компании, смета Гацов:

    „Не ги знам нивните последни финансиски извештаи, но очекувам не повеќе од пет компании да бидат засегнати. Сепак, се работи за голема цифра, треба да имаат годишен приход од 750 милиони евра. Така што, и кога се работи за принципот на воведување на овој данок во Македонија, тоа треба да биде поединечно. Значи, не треба ова да се постави како даночен пропис кој треба да се растегне на сите даночни обврзници од микро, мали, средни и големи, па да пишуваме исклучоци – ‘освен за’, туку едноставно, треба да се реши од случај до случај. Би рекол, со редоговарање на оние договори за државна помош, бидејќи кога тие компании доаѓале во Македонија, овој данок го немало“.

    Поради високите давачки во своите земји, компаниите мигрираат во држави со ниски даноци, каков што е примерот на Ирска. Затоа, нагласува Гацов, во случајот со глобалниот данок, треба да се следи состојбата и да се види кој е вистинскиот сопственик:

    „Мултинационалните компании се со сложена структура… Треба да се следи кој е вистинскиот сопственик и таму е глобалниот данок за конечно плаќање. Постојат сложености, ако се неколку подружници, па пренесување во следна фаза на новиот сопственик… Некои од државите не го прифатија овој данок и многу лесно можат да направат трансфер. Големите компании имаат и големи правници, адвокати, меѓу другото, ги вработуваат за да им спасат даноци, се разбира, на легален начин. Многу лесно е, преку ноќ да прејдат во некоја дестинација, легслатива, каде што сѐ уште не е прифатен новиот глобален данок и да успеат на овој начин да ја прескокнат таквата можност… Оваа работа ќе се следи, бидејќи воведувањето ќе трае две години. На пример, Турција не влезе во ова, го одби применувањето барем во оваа фаза, така што треба да се следи како ќе се однесува остатокот на светот кој не е влезен“.

    Сепак, даночниот експерт посочува дека ќе нема реперкусии за државите кои нема да го прифатат глобалниот данок. А, за определбата на Македонија вели – ние тоа го правиме затоа што сакаме да сме дел од светот и да бидеме препознатливи на сите мапи дека применуваме сѐ што применува модерниот свет.

    Глобалниот данок ја отвора претпоставката дека големите компании ќе бараат начин да го избегнат, префрлајќи ги своите седишта во државите кои не го прифаќаат. Тоа ќе претставува проблем и за нашата земја, но не доколку се преземат мерки.

    „Опција е да го подигнат данокот на 15 проценти, за да не оди данокот во домицилната земја. Но, внимавајте, овде зборуваме за ефективна даночна стапка. На пример, да кажеме дека Македонија е доволно умна земја, којашто сака да го изигра овој систем. И вели, извинете, ние даночната стапка ви ја покачуваме на 15 отсто, бидејќи глобалниот данок не беше, а сега е, но затоа ќе ви дадеме ослободување повторно од 5 проценти за да дојдеме до 10. Но, ефективната стапка, иако номиналната ќе биде 15, де факто е 10. Глобалниот данок игра со ефективните даночни стапки“.

    Меѓутоа, Македонија мора да внимава како ќе ја одредува државната помош, бидејќи странските компании можат да заминат. А, предупредува Гацов, не смееме да ги оштетите странските инвеститори.

    „Постои ризик. Се стартува со давање можност, но рамковна, во законот за данокот на добивка. Значи, ќе има одредба – за компаниите за кои постои опција за плаќање глобален данок, обврската ќе биде одредена со договорите… За да има правна рамка. Ветено им е дека ќе има државна помош и по тие правила очекуваат да имаат, но таа државна помош влијае на намалување на ефективната даночна стапка. Од друга страна, тоа влијае на разликата до 15 проценти. Ако ја продолжиме математиката понатаму, ако е сопственикот во Германија, а Германија го прифаќа ваквиот глобален данок, ќе треба да се доплати разлика од 7-8, 11-12, можеби и повеќе проценти данок кој не е платен во земјата каде што е вложувањето. Затоа, ова се прави чекор по чекор. Очекувам по инсталацијата на новиот министер во Министерството за финансии, многу бргу да се направи средба со овие неколку компании и да се повикаат експерти, стручни лица за оваа работа, да се насочат решенијата заради глобалниот данок. Ние не смееме да ги оштетиме инвеститорите во Македонија“.

    А, за тоа дали големите земји како САД, Велика Британија, Германија како наш најголем трговски партнер, можат да и забележат на Македонија во случај да примени решенија со кои ќе го заштити сопствениот интерес, Гацов вели: на МК, дали може да не „потстегнат околу тоа

    „Може да ни зборуваат на таа тема, но се разбира, ние мора економски да опстанеме. Можат и да не опоменат, да влијаат, но ние сме тие што треба да бидеме последни во примената, бидејќи сме економски најслаби, треба д се развиваме. Овој данок, економски, е против Македонија, против земјите кои се борат за светлината како и другите економии што се развиле своевремено… Очигледно е дека во овој период се обидовме и добивме клиенти, односно инвеститори врз основа на ниската цена на работната сила и ниските даноци. Тоа беше главната причина. Сега едната од алатките што привлекуваше странски инвестиции ни ја одземаат. Велат извинете, даноците не можат да ви бидат приказна сама за себе, така што треба да се позиционираме на компании што се под левел од 750 милиони евра. Кои не се опфатени со глобалниот данок. За во иднина зборувам. Второ, кога ќе применуваме нови алатки секогаш да бидеме последни, да не трчаме врз нас да се вежбаат странските економии. И во Србија има странски инвеститори, и тоа големи компании, но внимавајте, данокот на добивка во Србија е 15 проценти“, потенцира даночниот експерт Павле Гацов.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично