ПОВЕЌЕ

    „РАСТУРИЛЕ“ СО ДОБИВКИ – Вкупниот профит за 22,8 проценти поголем од преклани

    Време зa читање: 5 минути

    Анализа: Какви резултати оствариле друштвата котирани на Берзата во 2023 година?

    На Македонската берза лани котирале 94 друштва, од кои 68 оствариле добивка во вкупна вредност од 348,2 милиони евра. Во загуба биле 21 друштво и нивната вкупна загуба изнесува 28,5 милиони евра. Четири друштва се трајно суспендирани, а податок нема од една фирма.

    Во 2022 година повеќе фирми биле во плус (73), но вкупната сума на добивката бил помала и изнесувала 283,5 милиони евра. Така, минатогодишниот вкупен профит од котираните фирми на Берзата бил за 22,8% поголем отколку во 2022 година, а од податоците што ги анализираше порталот „Пари“ забележливо е дека главни „виновници“ за тоа се банките. Во 2022 година помалку фирми биле и во минус (17), а вкупната загуба изнесувала 21 милион евра. Значи, ланската загуба била поголема за 35,6%.

    Компании котирани на Берза

    (во милиони евра)

    Извор: Македонска берза

    ТРИ БАНКИ – РЕКОРДЕРИ ПО ДОБИВКА

    Рекордери по добивка се банките и тие ги заземаат првите места. Но, на самиот врв се и „Македонски телеком“, „Алкалоид“, Цементарница…

    Првите пет друштва по добивка во 2023 оствариле вкупен профит од 226,2 милиони евра, што е за 63,4 милиони повеќе отколку во 2022 година, кога нивниот профит бил 162,8 милиони евра.

    Најголем профит меѓу котираните друштва лани остварила Комерцијална банка – од 58,4 милиони евра, или 65,4% повеќе отколку во 2022 година, кога имале добивка од 35,3 милиони евра.

    На второ место е Стопанска банка со реализирана добивка од 56,3 милиони евра. Оваа добивка е за 41,8% поголема од остварената во 2022 година, кога била 39,7 милиони евра.

    НЛБ банка се позиционирала на трето место. Лани имала добивка од 52,2 милиои евра. И таа бележи значаен раст во однос на 2022 година од 31,8%, кога добивката изнесувала 39,6 милиони евра.

    „Македонски телеком“ имал помала добивка отколку во 2022 година, а со реализираниот профит од 33,7 милиони евра во 2023, се позиционира на четвртото место.

    Во првата петорка е и „Алкалоид“. Компанијата има профитен раст од 23,8 милиони евра во 2022 на 25,6 милиони евра во 2023 година.

    ТОП 5 компании по добивка кои котираат на берза во 2023 година

    (во милиони евра)

    Извор: Македонска берза

    КОИ ФИРМИ НАЈМНОГУ ЈА ЈАКНЕЛЕ ПРОФИТАБИЛНОСТА?

    Берзанскиот извештај за минатата година покажува и дека има многу компании кои направиле значаен скок со добивките во однос на 2022 година.

    Најголем раст од дури 1.717,45 проценти има „Нова стоковна куќа“ АД Струмица. Компанијата во 2022 година имала профит од скромни 14.200 евра, а лани остварила речиси 260.000 евра.

    Вториот по ред најголем скок е евидентиран кај ЗК „Пелагонија“ од 1.197,86%. Во 2022 добивката изнесувала 631,5 илјади евра, а веќе во 2023 се искачила на 8,2 милиони евра.

    Квантен скок од 1.027,96% имала и РЖ „Техничка контрола“ АД Скопје. Во 2022 забележале профит од 37 илјади евра, а минатата година тој бил 417.200 евра.

    Четврта компанија што котира на Берзата, а која има најголем раст на добивката е „Ветекс“ од Велес. Во 2022 година компанијата имала добивка од речиси 13 илјади евра, а лани 107.400 илјади евра, со што е реализирано нагорно движење од 729,65%.

    Последното место од ТОП петорката по раст на добивката го имаат хотели „Метропол“ – со зголемување од 364%. Во 2022 имале добивка од 94.000 евра, а во 2023 изнесувала над 436.200 евра.

    ТОП 5 компании кои котираат на берза по раст на добивка во 2023 година

    Извор: Македонска берза

    КОИ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ЗГУБАРИ?

    Меѓу компаниите кои котираат на Берзата имало 21 со забележани загуби во вкупна вредност од 28,5 милиони евра

    На самиот врв е фабриката „Либерти“ од Скопје, која остварила загуба од 13,9 милиони евра. Што значи дека 66% од вкупната загуба од фирмите на Берзата произлегува од компанијата популарно позната како ладна валавница.

    На второто место меѓу загубарите е „Жито Караорман“ од Кичево, која лани реализирала загуба од 3,3 милиони евра.

    „Вабтек“ МЗТ АД Скопје направил минус од 3,26 милиони евра, Стопанска банка-Битола влегла во „црвено“ со три милиони евра, а во првата петорка загубари на „опашката“ е фабриката за цевки „11 Октомври“ од Куманово, со реализирана загуба од 1,4 милиони евра.

    ТОП 5 компании по загуба кои котираат на берза во 2023 година

    (во милиони евра)

    Извор: Македонска берза

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично