ПОВЕЌЕ

    Повеќе корисници, зголемени приходи и добивка од 33,7 милиони евра за „Македонски телеком“

    Време зa читање: 3 минути

    Стабилни пазарни позиции и раст во речиси сите сегменти од работењето во текот на минатата година бележи „Македонски телеком“. Тоа, заедно со намалувањето на најголемиот дел од трошоците, се рефлектира и врз крајниот резултат – кај добивката, која во однос на 2022 е повисока за 38,7 проценти и изнесува 2.080.351 илјада денари или 33,77 милиони евра.

    Приходите од продажбата се зголемени за 1,2 насто и се во износ од 193,4 милиони евра. Од „Телеком“ посочуваат дека во рамки на приходите од основниот бизнис има раст од 4,3% кај мобилните услуги, а во фиксниот сегмент од 3,5%.

    Според интерните проценки, на пазарот на мобилната телефонија „Македонски телеком“ има удел од 48,2 отсто. Со состојба од крајот на 2023, располага со база од 1.281 илјада претплатници, која е зголемена за еден процент.

    Приходите од говорните и од неговорните мобилни услуги во доменот на малопродажбата бележат раст од 3,8 насто, што првенствено е засновано на поголемиот број пост-пејд претплатници и на приливите од роамингот. Во големопродажбата, пак, приходите од говорните услуги се намалени за 3,1 отсто.

    Од компанијата наведуваат дека комбинираниот ARPU, односно просечниот приход по корисник од говорни и неговорни услуги бележи зголемување од 1,6 насто во споредба со 2022 година, достигнувајќи 378 денари.

    Со 228 илјади корисници ја има и водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со 61,9 проценти, што исто така е интерна проценка, која покажува и извесно придвижување (61,5% на крајот од 2022). А, приходите имаат раст од 1,7 насто.

    За една година вкупниот број на пристапи кон широкопојасниот интернет е зголемен за 3,2 проценти – од 226,6 илјади во 2022 на 233,8 илјади минатата година. Притоа, има и 3,5 насто повеќе претплатници – 210,5 илјади. Уделот на пазарот на широкопојасен интернет на крајот од 2023 е 49,6 отсто.

    Инвестициите во оптичката мрежа резултирале со над 314 илјади пристапи до оптика, што е за 14,6 проценти повеќе во однос на 2022 година.

    Што се однесува до ТВ пазарот, уделот на компанијата е 34 отсто. IPTV услугата (дигитална телевизија преку Интернет протокол) привлекува корисници, чиј број е поголем за 1,8 проценти и на крајот од минатата година го достигнува нивото од 150,4 илјади.

    Со тоа приходите од малопродажен интернет имаат раст од 13,6, а од дигиталната телевизија преку IPTV се намалени за 5,8 отсто.

    Кога се зборува за расходите, зголемени се само трошоците поврзани со вработените – за 9,4 насто, додека кај сите други е регистрирано намалување.

    Очекувањата на „Македонски телеком“ се и дека и понатаму ќе се задржи позитивниот тренд, односно добивката ќе се зголемува како резултат на растот на приходите од основниот бизнис.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично