ПОВЕЌЕ

    Во пензиските фондови – задолжителни и доброволни уплатени 2,13 милијарди евра

    Време зa читање: 4 минути

    Вкупните средства на останатите финансиски институции – пензиски фондови, осигурителни друштва, инвестициски фондови, финансиски друштва, лизинг друштва и друштва за управување со пензиски и инвестициски фондови изнесуваат 201.059 милиони денари или 3,26 милијарди евра и имаат квартален раст од 4.201 милион денари, односо 68,2 милиони евра. Во средствата на финансиските институции партиципираат со 19,5 проценти.

    Состојбата е од третото годинешно тримесечие. Анализата на Народната банка покажува дека најголем е уделот на пензиските фондови со 65,5 отсто. Второпозицонирани, според учеството во вкупните средства, се осигурителните друштва со 17,1 процент.

    Најголем дел од средствата на ОФИ се вложувања во должнички и сопственички хартии од вредност, со удел од 52,2 и 24,8 отсто. Кај обврските, најголемиот дел се однесува на техничките резерви на осигурување и на капиталните сметки со 57 и со 33,5 проценти.

    Во извештајот се наведува дека вкупните средства на ОФИ оствариле квартален раст од 2,1, а годишен – 15,6 насто. Иако кај сите потсектори има позитивни движења, порастот пред сѐ се заснова врз зголемените средства на пензиските фондови.

    Вкупните средства на пензиските фондови – задолжителни и доброволни, на крајот од септември изнесувале 131,729 милиони денари (2,13 милијарди евра). Притоа, бележат и квартално и годишно зголемување од 2,4, односно 16,8 насто. Промената произлегува од „повисоките вложувања во должнички хартии од вредност, при дополнителен позитивен придонес и на вложувањата во сопственички хартии од вредност, а во услови на остварен пад на валутите и депозитите“, пишува во извештајот на Народната банка. На страната на обврските, кварталниот и годишниот раст се објаснуваат со зголемените технички резерви на осигурување, а позитивно е влијанието и на капиталните сметки.

    Осигурителните друштва располагаат со 34,390 милиони денари (558,5 милиони евра). До овој износ е дојдено по еднопроцентниот раст на квартална основа, пред сѐ поради зголемените инвестиции во должнички хартии од вредност. Годишниот раст е 8,5 проценти. Растот, пак, кај обврските се должи на зголемените капитални сметки и техничките резерви на осигурување.

    Во текот на третото тримесечје вкупните средства на инвестициските фондови се зголемени за еден насто и се на ниво од 12,290 милиони денари (199,5 милини евра). Во споредба со третиот лански квартал, средствата бележат раст од 14,3 насто, главно поради повисоките вложувања во сопственички хартии од вредност. А, зголемените капитални сметки биле клучни за растот на обврските.

    Финансиските друштва, кај кои има 10,647 милиони денари (172.9 милиони евра), имаат квартална и годишна стапка на раст на вкупните средства од 5,5, односно 23,9 проценти. Тоа „главно произлегува од побарувањата врз основа на кредити“, се вели во извештајот. Притоа се посочува дека кредитите имаат квартален и годишен раст од 7,5 и 21,8 насто, па на крајот од септември изнесуваат 9.299 милиони денари (151 милион евра). Зголемени се и обврските, поради повисоките капитални сметки, останатите и обврските врз основа на кредити.

    Минимален квартален од 0,8 проценти и годишен раст од 24,7 насто има кај вкупните средства на друштвата даватели на финансиски лизинг. Износот е 9,654 милиони денари (156,7 милиони евра). Најголемиот дел од средствата на овој потсектор се побарувања врз основа на кредити – 7.469 милиони денари (121,3 милиони евра), кои на квартална и на годишна основа се зголемени за 1,9 и 28 проценти. Кај обврските, кварталната промена во најголем дел е одраз на зголемените капитални сметки, додека годишниот раст пред сѐ се објаснува со зголемените обврски врз основа на кредити.

    Вкупните средства – 2,348 милиони денари (38,1 милион евра) на друштвата за управување со пензиските и инвестициските фондови бележат квартално и годишно зголемување од 2,6, односно 3,2 насто. Растот по двете основи е резултат на зголемените вложувања во должнички хартии од вредност. А, пак, поголемите обврски се засновани на повисоките капитални сметки.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично