ПОВЕЌЕ

    СЕ ПОДГОТВУВА ТЕРЕНОТ ЗА ФИНАНСИСКИ ОМБУДСМАН: Браник за граѓаните од банките, кредиторите, финансиерите

    Време зa читање: 4 минути

    Институцијата која се занимава со приговорите произлезени од лошото искуство со некоја банка или било кој друг давател на финансиски услуги, ги штити правата на граѓаните, а преку нив и стабилноста на финансискиот систем

    Македонските граѓани ќе добијат поголема заштита при користењето финансиски услуги. Тоа ќе се обезбеди со институцијата финансиски омбудсман, со основна цел – застапување на правата на потрошувачите. Во таа насока се гради поголема заштитна рамка. По Законот за платежни услуги и платни системи, чија примена почна од почетокот на годинава, во моментот се работи и на предлог закон за арбитер во областа на финансиите.

    „Народната банка, во соработка со другите финансиски регулатори, тековно работи на предлог верзија на закон за финансиски омбудсман/арбитер и во план е негова финализација веќе следната година“, велат за „Пари“ од централната банка.

    Воедно, појаснуваат дека тоа ќе биде институција која ќе се занимава со приговорите на граѓаните кои имале лошо искуство со некоја банка или било кој друг давател на финансиски услуги.

    „Станува збор за предлог закон за формирање посебна институција по примерот на други европски земји, која ќе има сеопфатен законски мандат за примање и разгледување на поплаки од клиентите кон давателите на финансиски услуги – банките, финансиските друштва и другите финансиски субјекти. Притоа, користени се искуствата од земји во кои веќе функционираат ваков тип на институции, прилагодени на условите кај нас“, обрзаложуваат од НБРСМ.

    И сега има кој да ги слушне негодувањата на незадоволните клиенти, но третманот не е сеопфатен.

    „Во тековната регулатива за финансискиот систем, прашањето околу поплаките од клиентите е третирано парцијално и делумно, во одделни закони кои се однесуваат на одделни финансиски сегменти или одделни финансиски услуги, со опфат само на одделни аспекти од процесот. Со донесувањето на овој предлог закон, би се воспоставила единствена централизирана процедура во случај на поплака на клиенти за секој вид на финансиска услуга, што треба да овозможи поедноставување за корисниците на финансиски услуги и подобра заштита на нивните интереси“, посочуваат од Народната банка, додавајќи дека повеќе детали ќе бидат достапни откако предлогот ќе се финализира.

    Светот веќе има долгогодишно искуство од функционирањето на иституцијата од овој вид. Заштита имаат жителите на Европа, САД, Австралија, Русија…

    Британскиот Financial-Ombudsman Service е формиран од страна на парламентот и стартувал со активности во 2001 година. Со основна задача – да ги решава проблемите, односно поплаките кои произлегуваат од комуникацијата на клиентите со финансиските претпријатија. Работењето, пак, е засновано на правичност. Службата на финансискиот омбудсмана го истражува спорот, прибира доказе и независно ги проценува инволвираните страни. Услугите што се обезбедуваат се бесплатни.

    На веб страницата од овој финансиски заштитник на Британците е наведено дека на нивна адреса годишно пристигнуваат повеќе од милион поплаки. Најчесто граѓаните укажуваат на проблемите што ги имаат со банкарските сметки, за плаќањата со картички, за безбедноста при плаќањата, за заеми, кредити, наплата и отплата на долгови, за осигурувањето на домовите, патувањата, автомобилите…

    Праведноста, велат, подразбира сослушување на двете страни, по што следува одговор, најбрзо што може. Статистиката на овој сервис покажува дека на 95 проценти од поплаките се одговара во рок од пет дена по нивното доставување. Зависно од тежината на проблемот, 70 отсто од случаите целосно се разрешуваат за три, а 90 проценти за шест месеци, време во кое се постапува и по добиените приговори од засегнатите страни.

    Па, доколку потрошачот ја прифати одлуката донесена од омбудсманот, тогаш таа станува правно задолжителна за двете страни. Секако, можни се и незадоволства, но тогаш процесот се префрла кај судските инстанци, што значи и скапо плаќање на услугите.

    И во ЕУ е позната оваа институција, која ги штити правата на граѓаните во односите со компаниите кои управуваат со парите на своите клиенти – банките, кредитни и други претпријатија за финансирање на потрошувачите, издавачи на кредитни картички, на е-пари, осигурителни друштва, инвестициски фирми… Од 2008, идејата е заштита на потрошувачот, односно купувачот, кој е своевиден гарант за сигурноста и ликвидноста на банките, се наведува на веб-страницата, а финансискиот правобранител е на некој начин последица, неопходност во одржувањето на стабилноста на финансискиот систем.

    Повереник за правата на потрошувачите на финансиски услуги е функција утврдена од Руската дума во 2018 година. Една година подоцна неговата работа се состоела од тоа да изнајде компромис меѓу граѓаните и осигурителните компании, а од 2021 ги решава споровите и со банките, кредитните задруги и приватните пензиски фондови.

    новинар: Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично