ПОВЕЌЕ

    Замрзнати цени и одмрзнати плати

    Време зa читање: 8 минути

    Кој е адвокатот што фрли „бомба“ и вниманието на јавноста го насочи кон функционерите, нивните плати и евентуалното дополнително оптоварување на државната каса? Кон, „скандалозно ниските плати на политичарите“ како што вели министерот за надворешни работи и кон многу поскандалозното, според реакциите, законски овозможеното зголемување од 78 проценти, што го пресметаа синдикалците по обелоденувањето на одлуката на Уставниот суд.

    Адвокатот Бојан Стојевски на 21 ноември минатата година поднел иницијатива до Уставниот суд за укинување два члена од Законот за плати и други надоместоци за избрани и именувани лица. Професијата со која се занимава нема допирни точки со овој законски акт и со спорните одредби. Напротив, се работи за лице кое, како и многумина други од приватниот и од реалниот сектор, придонесува за полнење на буџетот, од каде што се плаќаат функционерите и целата администрација.

    Стојевски, ја поттикна вревата, не јавно не се експонира да одговори зошто и со кој мотив ја поднел иницијативата. Всушност, за него речиси ништо не се знае. Само тоа дека адвокатската канцеларија Стојевски постои од 2018. Претходно дипломирал на ФОН во 2008, а на УКИМ, во 2010 година се стекнал со звањето магистер по корпоративно право.

    Понатаму, се друго е познато. Четири месеци по поднесувањето на иницијативата, Уставниот суд оцени дека двата члена се неуставни и ги укина.

    Две норми во еден закон

    По бројните новинарски прашања упатени на адреса на судот, оттаму образложија:

    „Во овој предмет, пред Уставниот суд не беше поставено прашање за висината на платите, ниту за одредување на пресметки и проценти, туку се бараше оцена на уставноста на конкретни одредби: член 4 од измените и дополнувањата на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија донесени во 2010 година и член 1 од од измените на истиот закон донесени во 2014 година.

    Уставниот суд не е орган кој одлучува за зголемување или намалување на плата, или одредување проценти и пресметки, туку единствено оценува уставност на оспорени одредби, па согласно ова погрешно е и неосновано тврдењето дека со своја одлука Судот зголемил или намалил плати на именуваните и избраните лица, за што неспорно е надлежно Собранието преку донесување закон, каков што е впрочем законот во кој беа содржани укинатите одредби“.

    Исто така, наведуваат: „Судот утврди дека истовремено во еден ист закон постоеја две норми, односно две правни правила за утврдување на основицата на платата, при што едното е уредено со член 11 од Законот, според кое основицата се определува со просечната плата остварена во претходната година утврдена од Државниот завод за статистика, а второто правило беше укинатата одредба од член 4 во кој основицата изнесува 26.755 денари, што е всушност основица која се применуваше до моментот на објавување на одлуката во Службен весник“.

    Воедно се посочува дека начинот со кој се пресметува висината на платата е законска материја, па Собранието определува како ќе се пресметува основицата – дали врз просечната плата, или со утврден фиксен износ. Но, без оглед на пристапот „законските норми мора да бидат јасни, недвосмислени и предвидливи и да не оставаат простор за различно толкување, што би можело да доведе до нејаснотии и различна примена во исти ситуации“.

     Владата почитува судски одлуки

     Одлуката на Судот е конечна и треба да се почитува, е коментар и на премиерот и на владините министри. Сепак, во владиното соопштение се нагласува – „тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за 78 проценти, како што шпекулира дел од јавноста“. Исто така, се вели дека досегашното „замрзнување“ на основицата „беше всушност владин став изминатиов период“, бранет и пред Уставниот суд. Но, одлуката е донесена.

    „Иако основицата за пресметување плата, согласно одлуката на Уставен суд, се зголемува, Владата конкретно ги разгледува можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица за кои има законска можност, а со цел да не се оптовари буџетот“, наведено е во соопштението.

    Претходно се изјасни министерот Бујар Османи – од етички аспект, политичарите треба да се последни на листата за зголемување, и покрај тоа што нивните плати се „скандалозно мали“. Дел од неговиот став е и тоа дека не е добра пораката доколку функционер каже оти не му е важна платата, зашто тоа би значело дека има други извори на приходи.

    И министерката за одбрана, Славјанка Петровска, потврди дека во Владата се свесни „за предизвиците со кои се соочува државата“, па затоа и се размислува за соодветна корекција на коефициентите, „со цел зголемувањето да не е толку големо, колку што би требало да биде согласно одлуката на Уставниот суд“.

    Пендаровски за себе бара двојно понизок коефициент

    Прв од редовите на власта реагираше претседателот Стево Пендаровски, кој нагласи дека е невкусно во време на економска криза да се зголемуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет.  Притоа, упати повик до Владата да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.

    Пендаровски јавно, во емисијата „Трилинг“, побара коефициентиот на неговата плата двојно да се намали, односно од 4,5 да биде два. И смета дека Владата мора да направи брза интервенција во Законот за плати, затоа што кризата треба да ја носат сите подеднакво.

    „Уставниот суд поништува еден член од Законот за плати, во кој платите на функционерите се врзани со коефициенти. Јас имам коефициент 4,5, значи 4,5 просечни плати од по 32.000. И тоа важи за сите функционери. Од правен аспект Уставнот суд е во право, а од аспект на Кривичниот законик, непочитување на Одлука на Уставен суд е кривично дело. Но, јас сакам да апелирам до Владата да го промени тој дел од Законот за плати со додавање еден член. Во оваа ситуација кога велиме дека имаме кризи кои се мултиплицираат и се засилуваат, со овие цени на продукти, со оваа инфлација, војна во Украина и пореметени пазари, мене и на функционерите да ни даваш плата повисока за 50 до 70 проценти… Владата мора да направи брза интервенција во Законот за плати и да каже, на пример, не мора нивниот или мојот коефициент да биде 4,5 или 3,5, нека биде два“, посочи претседателот.

    За обичните граѓани повисок минималец

    Последниов период властите се активни во носењето мерки, како што велат, во полза на граѓаните. Вообичаено, секој потег го квалификуваат како „историски“. Во таа категорија е минималецот, просечните плата и пензија…

    Методологијата за пресметка на минималната плата, која почна да се применува минатата година, е системско решение базирано на усогласувањето со порастот на трошоците за живот и на просечната плата. Минималецот, кој од 8.050 денари во 2012, од првиот ден на овој месец достигна 20.170 денари, секоја година ќе напредува. Засега, со најнискиот гарантиран износ околу 120 илјади вработени ги обезбедуваат секојдневните месечни потреби. Со последното усогласување, на тежина минималецот доби 2.170 денари.

    Но, откако ова функционира, проблем се другите плати. Протестите стануваат редовна појава, затоа што не може да се усогласат понудата од страна на Владата за линеарно и барањата на синдикатите за процентуално зголемување на примањата.

    Освен минималецот, забележан е раст и кај просечната плата – речиси 34 илјади, а по зголемувањето од 8,4 насто, просекот на пензиите е 19.150 денари.

    Паралелно со тоа растеа и трошоците, пред се за храната. За нивно зауздување, за само еден месец властите донесоа мерки за замрзнување на цените на основните намирници и на хигиенските производи. За некој ден ќе уследи и мерка со која ќе се интервенира кај десет видови овошје и зеленчук.

    Веројатно, мерките се од помош, но добар дел од проблемите на граѓаните остануваат во врзувањето на почетокот и крајот од месецот. Зашто, на просечно четиричлено семејство му се потребни две и пол минимални плати за основните потреби, а само за храна 19.379 денари, покажува минималната синдикална кошница. Ова, според мерењата во февруари, кога кошницата тежела 50.909 денари.

    Наспроти тоа, според математиката на синдикалците, одлуката на Судот овозможува со една функционерска плата да се покриваат две и пол потрошувачки кошници. Или, еден функционер, по најновните пресметки, вреди колку десетмина, зашто со само една плата ги задоволува основните трошоци на две и пол семејства.

     Од каде пари?

    Социјалните мрежи „збеснаа“ од коментари.

    „Пред три дена кажаа дека немале пари за учебници, ама затоа имаат за поголеми плати“.

    На прашањето „Од кај имаме пари за 78% поголеми плати?????“, следуваат одговори:

    „Од брутото на тие со 12% на минималец“; „Од поевтини јајца“; „Од мене, од тебе, од кредити, па уште малку од мене и од тебе. Е од таму, од кај иначе?“.

    Има и иронични предлози: „Сега функционерите треба да ја тужат државата да им надомести што со години не им се исплаќале плати по закон“; „Да ги потсетиме на постоењето на затезната камата, плус надомест за инфлацијата“.

    Никој не може да ги „проголта“ можните проценти.

    „78 посто покачување плата за функционери во Македонија. Овозможено од Уставен суд. А ми текнува кога пцуевте по наставниците дека бараат 18 посто покачување на потпросечните плати. Ми се лоши од државава“.

    „Легализирана корупција“.

    „Ќе им падне на Уставен ова!“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично