Лозарите и винарниците почнуваат да испишуваат уште една винска приказна од Македонија. Бербата на грозје привршува, а винарниците веќе прават грозје од овогодишната берба. И годинава се судрија интересите на производителите на вино и лозарите. Лозарите велат дека се недоволно платени, апелираа дека е неисплатливо да се одржуваат насади во услови кога еден килограм грозје се плаќа колку една кеса за пазарење во маркетите. Производителите на вино, пак, велат дека плаќаат најмногу што можат и дека на различни начини го помагаат развојот на лозарството.
Порталот Пари, како и секогаш, ги анализира податоците на компаниите кои се во жариштето на настаните. Овој пат, тоа се големите винарници кои се пресудни и за развојот на лозарството во Македонија и за девизниот прилив, со оглед на тоа дека лозарството е втора извозна гранка во земјоделието – веднаш зад тутунот. Со извоз вреден 61,4 милиони долари, Македонија во 2021 година е позиционирана како 29. најголем извозник на вино во светот и втор најголем извозник во регионот. Притоа, петте најголеми винарници, според податоците од платформата Бизнис мрежа, направиле промет вреден 52,7 милиони евра, а тоа им донело профит од над 3,9 милиони евра.
ТОП 5 ВИНАРНИЦИ ПО ПРИХОД
|Во евра|
Винарница | Приход во 2020 год. | Приход во 2021 год. |
---|---|---|
ВИНАРСКА ВИЗБА ТИКВЕШ ‒ Кавадарци | 25.300.000 | 32.400.000 |
ВИНАРИЈА СТОБИ ‒ Градско | 4.800.000 | 5.800.000 |
РИГО ИМПЕКС ‒ Скопје | 5.700.000 | 5.600.000 |
ИМАКО ВИНО ЕКСКЛУЗИВ ‒ Штип | 5.300.000 | 4.800.000 |
ЕЗИМИТ ‒ Штип | 3.600.000 | 4.100.000 |
Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк
Очекувано, податоците покажуваат дека најголем приход прави винарската визба Тиквеш. Овој производител, главно на вино, но произведува и ракија, лани направил вкупен промет од 32,4 милиони евра, и тоа е значителен скок од 2020 година, кога имал приход од 25,3 милиони евра.
Растот на приходите во 2021 година во однос на 2020 година, е „природна состојба“ затоа што во 2020 година беа најголемите пандемиски карантини, додека во 2021 година имавме враќање на рестораните, прославите… Така и винаријата Стоби го зголемила приходот од 4,8 милиони евра во 2020 година на 5,8 милиони евра во 2021 година.
Но компаниите кои се на третото и на четвртото место по приходи во 2021 година ‒ Риго импекс и Имако вино, имаа намалување на прометот во 2021 година. Така, приходот на Риго импекс се намалил од 5,7 милиони евра во 2021 година на 5,6 милиони евра во 2020 година, а на Имако вино од 5,3 милиони евра на 4,8 милиони евра.
Последен од првата петорка по приходи е штипски Езимит, каде приходите во 2020 година биле 3,6 милиони евра, а во 2021 изнесувале 4,1 милиони евра.
ГД ТИКВЕШ И ДАЛВИНА НЕ СЕ ВО ПЕТТЕ НАЈГОЛЕМИ ПО ПРИХОД, НО СЕ ПО ДОБИВКА
Ако, пак, се анализираат добивките се добива поинаква листа на ТОП 5 ВИНАРНИЦИ. Тиквеш, Риго и Имако остануваат меѓу петте најпрофитабилни компании, но меѓу нив не се Стоби и Езимит, туку ГД Тиквеш и Далвина.
ТОП 5 ВИНАРНИЦИ ПО ДОБИВКА
|Во евра|
Винарница | Добивка во 2020 год. | Добивка во 2021 год. |
---|---|---|
ВИНАРСКА ВИЗБА ТИКВЕШ ‒ Кавадарци | 1.100.000 | 2.300.000 |
РИГО ИМПЕКС ‒ Скопје | 603.000 | 613.000 |
Милев ГД ТИКВЕШ ‒ Кавадарци | 480.000 | 380.000 |
ИМАКО ВИНО ЕКСКЛУЗИВ ‒ Штип | 304.000 | 375.000 |
ДАЛВИНА ‒ с.Хамзали Босилово | 90.000 | 266.000 |
Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк
Она што може да се забележи е дека скокот на добивката на Тиквеш е многу поголем од скокот на приходите. Имено, Тиквеш имала раст на приходите за 27,7 %, додека растот на добивката бил за 113,5 %.
Риго имала мал пад на приходи во 2021 година во однос на 2020 година, додека со добивката е обратна состојбата, односно имала мал раст на добивка, од 603.000 евра на 613.000 евра.
Од најприходните, а истовремено и најпрофитни компании, е и Имако, која, исто така, иако имала пад на приходи во 2021 година во однос на 2020 година, имала мал раст на добивката, од 304.000 евра на 375.000 евра.
Со пад на добивка е ГД Тиквеш, од 480.000 евра на 380.000 евра, а со значителен раст е Далвина, на која добивката ѝ пораснала од 90.000 евра на 266.000 евра.
КАДЕ ИМА НАЈГОЛЕМА ПРОСЕЧНА ПЛАТА?
Податоците покажуваат дека најголема просечна плата има во винарницата Риго, каде лани имало 78 вработени, а просечната плата била 56.162 денари.
Во најголемата компанија по приход и по добивка, ВВ Тиквеш, каде што лани работеле 196 работници, просечната плата била 33.113 денари.
ТОП 5 ВИНАРНИЦИ ПО ПЛАТИ
|Во денари|
Винарница | Просечна нето-плата во 2021 год. |
---|---|
РИГО ИМПЕКС ДОО ‒ Скопје | 56.162 |
БОВИН ДОО ‒ Неготино | 39.859 |
ВИНАРСКА ВИЗБА ТИКВЕШ ‒ Кавадарци | 33.113 |
ВИНАРИЈА СКОВИН ГРУПА ДООЕЛ ‒ Скопје | 30.969 |
ЕЗИМИТ ДООЕЛ ‒ Штип | 29.050 |
Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк
Редакција Пари
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.