Комерцијална банка и оваа година ја продолжува 12-годишната успешна соработка со Црвениот крст во Република Северна Македонија. Банката останува Генерален покровител на проектот „Подобра социјализација на деца и млади со попреченост и психо-социјална поддршка на деца во згрижувачки семејства”, со кој ќе се помогне за подобрување на квалитетот на животот на 340 дечиња во земјава.
На наше огромно задоволство, поддршката од Комерцијална банка за Црвениот крст досега резултираше со многубројни проекти и активности за развивање на креативниот капацитет на децата и младите и поттикнување на сочувство, емпатија и солидарност кај населението. Нè радува што примерот на Комерцијална банка е поттик за анимирање на граѓани и институции во давањето придонес за намалување на ранливоста на своите сограѓани и за создавање општество во кое сите ќе бидеме еднакви.
Свој придонес за остварување на оваа благородна цел даваат и вработените од Комерцијална банка, кои се вклучуваат во тимовите на Црвениот крст со цел да помогнат за успешна реализација на проектите, како што се креативни работилници, хуманитарни продажни изложби, едукации, згрижување и психолошка поддршка на децата и слично.
Со овие активности продолжува долгорочниот организиран и систематски придонес на Комерцијална банка за подобрување на положбата на ранливите групи во заедницата.