ПОВЕЌЕ

    ЕБОР со 250 милиони евра ќе ја поддржи Северна Македонија во борбата против Ковид-19

    Време зa читање: 2 минути

    Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со 250 милиони евра ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во справувањето со последиците од коронавирусот, Ковид-19.

    Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, на онлајн видеоконференцијата, заедно со министерката за финансии, Нина Ангеловска, и министерот за економија, Крешник Бектеши, одржаа состанок со претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Сума Чакрабарти, и неговите соработници, за состојбата со пандемијата на Ковид-19 и за последиците, кои на глобално ниво и во Северна Македонија ги предизвикува овој вирус.

    Според соопштението од Владата на Северна Македонија, претседателот на ЕБОР, Чакрабарти, изразил задоволство од начинот на кој властите во Република Северна Македонија се справуваат со пандемијата на Ковид-19, како и од преземените мерки за намалување на последиците.

    На видеоконференцијата е истакнато дека банката ќе го активира „Пакетот солидарност“ за справување со економските последици од пандемијата, а значителна поддршка ќе биде ориентирана кон земјите на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија.

    „Оваа година Република Северна Македонија од ЕБОР ќе биде поддржана со пакет од 250 милиони евра наменет за поддршка на финансискиот сектор, за енергетскиот сектор, за малите и средните претпријатија, но и за големите компании“, се истакнува во соопштение од Кабинетот на премиерот.

    Дел од оваа поддршка е насочена и кон инфраструктурни проекти, кои во наредниот период треба да се финализираат во тесна соработка меѓу Владата на Северна Македонија и ЕБОР.

    Претседателот на ЕБОР, Чакрабарти, како што се наведува во соопштението, упатил искрени честити за членството на Северна Македонија во НАТО и започнувањето на преговорите со Европската Унија (ЕУ).

    Тој исто така истакнал дека ЕБОР останува посветена кон поддршката на Република Северна Македонија во процесот на преговори со ЕУ, и дека во најкус период ќе биде потпишан Меморандум за соработка во оваа сфера.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично