ПОВЕЌЕ

    Анализа за Пари: Истражување за користењето на банкарски услуги од страна на македонските граѓани во 2019 година

    Време зa читање: 4 минути

    Македонските граѓани редовно ја покажуваат лојалноста кон „своите банки“, но дали и колку се задоволни од третманот и услугите кои ги добиваат?!

    Според истражувањето направено од страна на Индаго, 95% од населението на возраст над 15 години соработува со некоја банка.

    Службено или приватно, во потрага по најповолни услови граѓаните секојдневно трагаат по нови можности. И секој се снаоѓа на свој начин.
    Просечното задоволство на банкарските корисници од услугите кои ги добиваат во експозитурата која најчесто ја посетуваат изнесува 4.31 (на скала од 1 до 5) со значителни девијации во задоволството помеѓу корисниците на различните банки присутни на македонскиот пазар.

    Во однос на користење на банкарските производи, сопственици на дебитни картички се 73% од корисниците на банкарски услуги, додека дополнително 31% од корисниците на банкараски услуги имаат кредитна картичка.

    Нискиот стандард, високите цени и зголемената потрошувачка, се само дел од бројните причини за потреба од кредит. Кредит за стан, за возило, за одмор… расте понудата.

    Според истражувањето на Индаго, 23% од корисниците од банкарски услуги во земјата користат некаков кредит, од кои 14% од нив парите од кредитите ги трошат за задоволување на секојдневните потреби, а само 2% од корисниците, со кредитот купуваат недвижности.

    Во однос на користењето на онлајн алатките за банкарски услуги, сеуште употребата е далеку од потенцијалот споредено со развиените земји, но сепак забележителен е трендот на постојано зголемување на корисниците на банкарски услуги кои ги користат новите начини – 16% од корисниците го користат онлајн плаќањето преку интернет и 7% го користат мобилното плаќање односно плаќаат со помош на апликација од својот мобилен телефон.

    И во однос на изворот на информации за банкарските производи и услуги приматот што долги години го држеше телевизијата го презема интернетот, односно дури 47% од испитаниците одговориле дека информациите ги добиваат на интернет, додека 30% ја навеле телевизијата како медиум преку кој добиваат информации за банкарските производи и услуги. Фактот дека секоја новина за поповолен кредит, камата и сл. е основа за добивање на нов клиент, значи и потреба за брз и ефикасен контакт со корисникот.

    Брошурите и печатените материјали достапни во експозитурите на банките се редовен извор на информации за 28% од корисниците додека приближно исто толкав процент на корисници на банкарски услуги (29%) добиваат информации за новини во банкарските понуди од свои пријатели и роднини.

    Секој се снаоѓа на свој начин, а може и поинаку. Директната информација до корисниците на банкарски услуги по телефон, на е-маил или на лична адреса, се само дел од бројните начини на брз и ефикасен контакт на релација банка-клиент. Интересен податок е дека само 13% од корисниците изјавиле дека информации добиле преку телефон од страна на вработен во банката, додека 21% го преферираат овој начин на комуникација.

    За истражувањето
    Истражувањето беше спроведено во Октомври, 2019 на репрезентативен примерок од 1000 испитаници на 15+ годишна возраст.

    Индаго


    Како една од првите агенции за истражување на пазарот Индаго постојано вложува во континуиран развој на истражувачките алатки и решенија и иницира нов пристап кон истражувањето. Само иновативната мисла и акција можат да му обезбедат на клиентот информација врз база на кои ќе ги донесува своите одлуки. Имагинација, креативност и интер-дисциплинарно размислување – ова се квалитетите коишто ги имаат искусните експерти од областа на истражувањето на пазарот во Индаго и кои претставуваат солиден почетен капитал на секој проект.

    Боге Божиновски
    Индаго
    бул. ВМРО 1, МЕ
    1000 Скопје
    Teл: +389 2 3126 001
    e-mail: [email protected]
    www.indago.mk

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично