ПОВЕЌЕ

    Животните трошоци и минималната плата – Најлошиот сооднос 1:4 во 2012 година

    Време зa читање: 7 минути

    Најниската плата во државата од март годинава би требало да изнесува 22.500 денари. За вработените кои живеат од минималец, тоа ќе значи плус 2.325 денари што ќе влезат во домашниот буџет.

    За власта ова е големо достигнување, при што постојано се нагласува дека новиот износ на минималната плата е повеќе од двојно повисок од нивото на кое била во 2017 година – 10.080 денари. Исто така, наведуваат и дека за шест години се зголемила четири пати. Од 12.000 на 15.200, па на 18.000, а потоа и на 20.175 денари. А претстојното, ќе биде петто во низата.

    Минималната плата со Закон беше воведена во 2012, со утврдено ниво од 8.050 денари нето, односно 12.265 денари во бруто износ. За четири години – до 2016 се зголеми за вкупно 2.030 денари. Што е помалку во однос на овој што следи.

    Од 2017 па досега, минималецот е зголемен за 10.095 денари. Континуитетот во растот на најниската дозволена плата е обезбеден со прекланските измени на Законот за минимална плата. На тој начин се воспостави новата методологија, која овозможи усогласување на износот со 50 проценти од порастот на трошоците на живот и 50 проценти од порастот на просечната плата во изминатата година.

    Одамна е апсолвирано дека платите се губитници во трката со цените, па и усогласувањето на минималната плата кое доаѓа, кај добар дел од јавноста наидува на потсмев. Проблемите не се решаваат со зголемување од нецели 38 евра и со минималец кој ќе брои 365 евра.

    Факт е дека од 2012 наваму, минималната плата нараснала за два и пол пати. Тоа не е спорно, туку соочувањето со сиромаштијата која е следбеник на голем дел од граѓаните, затоа што примањата ни приближно не се доволни за покривање на месечните потреби. Особено последниве години, кога цените и инфлацијата фатија залет, а минималната потрошувачка кошница се одржуваше на прагот од 50 илјади денари, или над 800 евра. И, иако статистиката покажува намалување на инфлаторната стапка, трошоците упорно се движат по нагорна линија и веќе се на чекор до новото ниво од илјада евра. Кое, според синдикалните мерења, е надминато кај просечните семејства кои немаат сопствено живеалиште.

    ПРВИТЕ ИЗМЕРЕНИ ТРОШОЦИ ВО 2010 – 470 ЕВРА

    Првата синдикална минимална кошница е со датум од декември 2010 година и била во вредност од 29.199 денари, велат податоците пласирани на веб-страницата на Сојузот на синдикатите на Македонија. Со оглед дека успешно се одржува стабилноста на домашната валута, тогашната кошница била во противвредност на некои 470 евра, а речиси половина од тој износ одел на храна и пијалаци.

    Извор: ССМ

    Во тоа време минималната плата не постоела како засебна категорија. Затоа „Пари“ анализира и прави споредби на податоците од 2012. Почетното скалилo на минималецот беше 130 евра, а во текот на таа година трошоците се движеле од 500 до 520 евра. Или, за 12 месеци минималната кошница поскапела за нецели десет проценти. И во тие услови (без инфлаторни стресови) на просечните граѓани и семејства примањата ни оддалеку не им биле доволни за задоволување на секојдневните потреби – за тоа биле потребни четири минимални плати. Таквата состојба се задржала и во 2013 година, кога тежината на кошницата варирала од 520 до 528 евра.

    Всушност, во тие две години животот бил најтежок, доколку се гледа според расчекорот меѓу потребите од кошницата и минималната плата. Понатаму таа разлика опаѓа, но примањата се секогаш во сенка на цените.

    Во 2014 минималецот се поместил на 142 евра, а месечните трошоци се движеле од 517 до 523 евра. Што значи, тогаш биле неопходни повеќе од 3,6 минимални плати за да се обезбедат основните потреби.

    Извор: ССМ

    Наредната 2015 донела мала промена и кај минималното примање – 150 евра и кај синдикалната кошница, чиј највисок износ бил 528 евра. Соодносот е 3,5:1. Со незначително намалување, тој сооднос опстојува и во натамошниот период кој ги опфаќа целата 2016 и осум месеци од 2017 година.

    Во септември 2017 минималната плата се зголемува на 194 евра и важи до јуни 2018. Истовремено, потрошувачката кошница е во распон од 524 до 530 евра, па на просечно четиричлено семејство му требале 2,7 минималци за да ги спои првиот и последниот ден од месецот.

    Оттогаш постепено се движат по нагорна линија и најниската плата во државата и синдикалната кошница, која е во постојана предност. Тежината на кошницата почнува да се зголемува од декември 2021, кога првпат го надминува прагот од 35 илјади денари (над 560 евра). А, минималецот му парирал со 242 евра. Или, една кошница имала вредност на 2,3 минимални плати.

    Извор: ССМ

    ЗА 12 ГОДИНИ ПОСКАПУВАЊЕ ЗА 47,8 ПРОЦЕНТИ

    Во 2022 синдикалната кошница била поскапа од првата во 2010 за 47,82 насто, односно за толкав процент се зголемиле трошоците на едно просечно семејство. Изнесувала 700 евра, а за целосно покривање на сите наведени месечни ставки биле потребни речиси 2,4 минимални плати од по 292 евра, колкав што бил тогашниот износ.

    Заклучно со ланскиот ноември трошоците измерени во кошницата на ССМ се движеле до најмногу  735 евра. А, минималната плата е се уште актуелната – од 327 евра. Што значи нешто повеќе од 2,2 најниски месечни примања за една кошница.

    Драстично зголемување на кошницата има откако ССМ ја пресметува според новата методологија, изработена од познати економски експерти, која сега содржи 11 ставки, а се додадени и трошоците со кои се соочени просечните семејства кои живеат под кирија.

    Извор: ССМ

    Во декември лани синдикалните мерења покажаа дека најскромните потреби на едно семејство чинат 917 евра. Автоматски се зголеми и растојанието со примањата, односно кошницата ја покриваат 2,8 минималци. Плафонот од илјада евра, пак, го проби износот во кој се вкалкулирани и трошоците за изнајмен стан од 60 квадрати, со што се дојде до сума од над 1.260 евра (3,8 минимални плати).

    Слично е и во првите два месеци од годинава, со кошници од близу 930 и 1.178 евра, односно 932 и 1.182 евра.

    Колку и да се крати на некои потреби, парите, особено кога доаѓаат како минимално месечно примање, никогаш не стигнуваат. Затоа многумина се определуваат за сезонска работа во некоја од земјите во регионот, за дополнителни активности преку кои може да се заработи, или чекаат дознаки од странство. Нешто слично како вицот – заработува 300 евра, троши илјада, а од каде пари – тоа кај нас не се прашува.

     

    Новинар: Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично